На Македонија и се заканува раст на сиромаштијата поради ковид-19.

На Македонија и се заканува раст на сиромаштијата поради ковид-19.
октомври 21 22:19 2020

Сиромаштијата во изминатиот период беше закана за околу 450 илјади луѓе или 21 процент од населението во Македонија, но поради кризата предизвикана од корона вирусот, на македонското општество му се заканува опасност од зголемување на бројот на граѓани кои што ќе немаат пари во иднина.

Симулациите на Светската Банка (СБ) предвидуваат дека стапката на сиромаштија ќе се зголеми на околу 20-23% во 2020 година споредено со 17% во 2019. Тоа значи дека од 55.000 до 130.000 Македонци ќе западнат во сиромаштија.

Сето ова ќе зависи од тоа колку долго ќе трае кризата предизвикана од пандемијата.

Упатените сметаат дека голема улога ќе имаат особено состојбите на пазарот на трудот и додаваат дека многу ќе зависи и од државата, односно од мерките што ќе ги спроведе за да спречи пад на поголем број граѓани во маѓепсаниот круг на сиромаштија.

Засега од податоците на Агенцијата за вработување може да се види дека се регистрирани речиси 40 000 нови невработени од февруари до крајот на август, од кои 12 580 остануваат без работа, а другите се водат како пасивни или активни баратели на работа по други основи.

Билјана Дуковска од Македонската платформа за борба против сиромаштијата вели дека бројките јасно покажуваат дека осиромашуваме.

„Оној тренд кој го имаше во 2019 на намалување на сиромаштија како резултат на промената на социјални примања и воведување гарантиран минимален приход и други сродни парични примања и со зголемување на вработени, сето тоа „отиде во вода” и во 2020 има зголемување на сиромаштијата. Заводот за статистика нема излезено со нови бројки, но според проекциите од СБ се очекува дека од 21,9 процент на сиромашни луѓе во 2018, ќе отидеме на околу 20- 23 проценти на сиромашни луѓе”, вели Дуковска.

Луѓето од Македонската платформа во изминатиот период работеа на национален извештај за состојбата со сиромаштијата, какви што работат и сите европски земји и тој треба да помогне во креирање на политика на национално и европско ниво.

Пандемијата ќе донесе нова група сиромашни

Дуковска вели дека најпогодени од кризата се сиромашните, но оти пандемијата ќе донесе нови групи на сиромашни, а тоа се луѓето кои претходно живееја под ризик од сиромаштија. Дополнува дека богатите, пак, речиси и воопшто не биле засегнати од пандемијата.

„Сиромашните веќе претходно живееја во катастрофални услови и беа погодени, но ги погоди и оние кое беа во ризик од сиромаштија. Ги погоди луѓето со кратки договори за работа кои лесно загубија работа, ги погоди луѓето од неформалната економија кои поради карантини и намален обем на работа не можеа да заработат било каков приход и останаа без работа, ги погоди оние кои беа неинформирани за да се пријават за социо- економски мерки. Значи, ги погоди оние кое беа во близина на линијата на сиромаштија, но и средната класа која оди надолу зашто користи заштеди од резерви. Најмалку ги погоди богатите. Ако направите истражување меѓу пријатели ќе видите дека многу мала бројка на менаџери биле сменети или изгубиле работа. Работа изгубија најчесто оние што се најдолу, или кои се последни вработени или се со договори за месец на месец, ден за ден итн. ” вели Дуковска.

Македонија на еден чекор до високо задолжена земја

Според Агенцијата за вработување, над 9 илјади лица останаа без работа во првите два месеца од пандемијата, а Агенцијата достави околу 3900 нови апликации за надоместоци за невработеност. Стапката на невработеност од 16,7 проценти е забележана во вториот квартал од оваа година, според податоци на Заводот за статистика. Објавените податоци укажуваат на зголемување на невработеноста во споредба со првиот квартал, кога беше 16,2 проценти.

Борче Треневски, универзитетски професор, смета дека движењето на сиромаштијата е поврзано со состојбата на пазарот на трудот и дека сè ќе зависи од тоа што ќе се случува со работните места. Тој предупредува дека поради пандемијата во светот меѓународните трговски текови се под закана да бидат затворени.

„Сите услуги и стоки, за земја која доминантно зависи од увоз, се под ризик да бидат намалени зашто се соочуваме со ситуација во која економијата е во слободен пад. Владата презема мерки, но и фискалниот простор е ограничен. Може да има повеќе сценарија, дека ќе има економски раст и невработеноста нема значајно да се намали, но не може да исклучиме дека во вакви кризи не е можно невработеноста да не порасне, а тоа ја оптоварува државата” вели професорот Треневски.

Тој посочува дека најранливи групи се невработените, а под ризик да влезат во сиромаштија се и луѓето кои работат на црно, хонорарните и сезонските работници, но од друга страна и вработените во дејности кои корона кризата најмногу ги погоди, како што се туризмот, угостителството, транспортот, текстилната индустрија и други услуги.

Според него, ако потрае оваа ситуација со растот на невработеноста и намалената економска активност, неизбежно е да се зголеми делот на сиромаштијата.

„Има зголемување на невработеноста, голем дел од населението по таа основа е погодено, понатаму има голем дел на неформална економија. Има голем дел од населението кои работат како неформални работници, слободни работници, привремени работници, сезонски работници. Најголем дел од нив тешко може да се вклучат во социјалните сфери на заштита. Иако имаше мерки кои ги таргетираа, но тешко може да стигнат до нив. И тој дел од неформалната економија особено ќе биде погоден од ковид. Тоа ќе предизвика спирала на поголем дел од населението и сиромаштија во определена сфера”, вели Треневски, кој сепак се надева дека следната година ќе биде подобра.

Инаку, премиерот Зоран Заев деновиве изјави дека Владата ги следи параметрите во делот на БДП и нејзините очекувања се пад на економијата од 4,4 проценти, наспроти прогнозите на Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), кои предвидуваат намалување на бруто домашниот производ на земјата за оваа година од 5,4 отсто. Приоритет на четвртиот пакет економски мерки, вреден 470 милиони евра, според изјавите на властите се најранливите категории, оние на кои помошта и поддршката им е неопходна и најпотребна.

Пандемијата доведе во опасност од сиромаштија милиони луѓе во светот

Иако здравствената криза е најголем проблем, оваа криза ја разниша и економијата ширум светот. Високиот комесар на Обединетите нации за човекови права, Мишел Бачелет неодамна во ООН изјави дека „со ковид-19, брзата и глобална здравствена криза се судри со многу побавни и позасилени политички, социјални и економски кризи низ целиот свет“

Претходно, во новиот извештај на фондацијата Бил и Мелинда Гејтс беше оценето дека пандемијата доведе милиони луѓе во опасност од сиромаштија.

„Како резултат на пандемијата, екстремната сиромаштија се зголеми за 7 проценти“, се вели во извештајот на Фондацијата Гејтс.

Предупредувачки се и податоците за зголемување на цената на храната, зашто се очекува ова за многу граѓани да биде голем удар врз буџетите на домаќинствата.

Агенцијата за храна на Обединетите нации (ФАО) деновиве објави дека ценитe на храната во септември се зголемија на светските пазари, четврти месец по ред, а тоа е предизвикано од наглото поскапување на растителните масла и житарките.
Индексот на ФАО за цените на храната во кошницата за основни прехранбени производи во септември се зголемил за пет проценти од ревидираната вредност во претходниот месец.

Извор:СЛОБОДНА ЕВРОПА

  Категории: