Некогаш, звуците на молитвата и мирисот на темјан беа дел од нашето секојдневие. Луѓето со смирени чекори ги посетуваа црквите и џамиите, не само од обврска, туку од искрена потреба – да најдат мир, да побараат прошка, да се смират со себе и со другиот. Денес, празни храмови сведочат за нешто длабоко тажно: срцата ни се оттргнаа, а не само нозете.
Во ерата на брз живот, бескрајни екрани и површни релации, духовноста стана нешто “ретро”, нешто што се чува за празници или за време на големи неволји. Но токму тогаш, кога ја заборавивме душата, почна да се создава празнина. И таа празнина денес ја полниме со злоба, со љубомора, со завист.
Љубомората стана секојдневен јазик. Наместо да се радуваме на туѓиот успех, ние го гриземе срцето. Наместо да се поддржуваме, се натпреваруваме – не за да станеме подобри, туку за да го уништиме другиот. Зависта расте таму каде што љубовта замолчи, а омразата се чувствува побезбедно од простувањето.
Суровоста не е веќе девијација – таа станува правило. Луѓето се насмеани надворешно, но внатре полни со горчина. Се претворивме во чувари на сопствената болка, наместо во носители на утеха за другиот.
Но се уште не е доцна. Правиот пат не е толку скриен – само очите ни се заслепени од материјалното, од гордоста, од стравот да се признаеме мали пред нешто повисоко. За да го најдеме, треба да се вратиме пред се – на себе. А потоа, во тишината на храмот, без разлика дали е црква или џамија, да го слушнеме гласот на срцето.
Тој глас не вика, туку шепоти: „Биди подобар. Прости. Љуби. Помогни. Смири се.“
Не мора да бидеш религиозен за да бидеш духовен. Но мора да бидеш искрен со себе за да бидеш вистински човек. И кога ќе се вратиме на тие основи – љубов, милост, скромност – тогаш повторно ќе ги исполниме храмовите, но уште поважно: ќе ги исполниме срцата.
Колумна на Тахир Еф.Дестанов ( имам во беровската џамија Мехмет Бег)