Козарев: Судството на крстопат помеѓу реформите со европски предзнак наспроти судството во кое кадија те тужи и кадија те суди

Козарев: Судството на крстопат помеѓу реформите со европски предзнак наспроти судството во кое кадија те тужи и кадија те суди
февруари 06 15:34 2023

Судскиот совет на РСМ има значајна надлежност во менаџирање со кадровскиот потенцијал во судовите во нашата држава. Дали постојат целосни организациони, нормативни и човечки ресурси во рамките на Судскиот совет компатибилни на реалните проблеми и потреби во секојдневното функционирање на оваа институција?

Од основањето со Законот за Републички судски совет (“Службен весник на РМ” бр.80/92 од 22.12.1992) и низ годините подоцна, Судскиот совет на РСМ се профилира како институција со свои надлежности кои се нормирани со закон, но и со бројни подзаконски акти. Определени законски измени продуцираа нови кадровски освежувања на ова тело, се со цел да се заштити од политикантство и партизација. Но, неспорно е дека речиси од основањето, па се до денес, во континутитет се зборува за партиска инволвираност како во однос на изборот на членови на овој совет, така и во однос на истражување на случаи со политички предзнак. Минатогодишните случувања во Судскиот совет, препознатиливи преку драматичната оставка на тогашната претседателка Павлина Црвенковска и изборот на членот Весна Дамева за претседател на Судскиот совет во удобната претседателска фотелја, како и нивното јавно препукување со висок тон фрлија виден на ТВ екраните фрлија многу лоша порака кај граѓаните и судската фела во целина! Логично се прашуваме: што е новото добро или вредност кое во функционирањето на Судскиот совет ќе го донесе новиот менаџмент? Освен исклучително висок тон во комуникацијата и јавното презентирање на моќ, досега не сме слушнале за некоја нова организациона или стручна нота во функционирањето на Советот. Можеби е краток период и во оваа година се очекува да се постигнат активности со кои ќе се подигне довербата на граѓаните во судскиот систем. Но, што да се прави со изминатите години, со децениската слаба доверба во судството и дали постои свест и совест кај членовите на Советот (со исклучок на поединци кои навистина се на висина на задачата!)? За да се даде експертска анализа поврзана со Судскиот совет, претходно би навел дека во нашата држава во моментот има околу 412 судии и вкупно 13 членови на советот кои се надлежни да ја следат нивната работа. Во просек тоа значи дека на еден член на советот во надзорна надлежност се околу 32 судии! Доколку се има во вид дека еден судија има огромен број на предмети по кои постапува, може да се заклучи дека не постои физичка можност да се оствари оваа контрола. Затоа, работата на членовите на советот е сведена на постапување по претставки за евентуални злоупотреби од страна на судии кои ги доставуваат странките во постапката, но и други пријавители. Но, дали таа контрола е целосна и успешна? Секако дека овие статистички податоци водат кон негативен одговор. Кога кон оваа системска неусогласеност ќе се надоврзат и последните јавни судири помеѓу одделни членови на советот може да се нотира дека состојбата во делот на менаџирање со судскиот систем од страна на Судскиот совет е загрижувачка. Можам да наведам дека до нас пристигнуваат информации од заинтересирани граѓани дека иако се подносители на претставки во постапката пред советот не им е овозможено да бидат запознаени преку вршење на увид во материјалите кои се доставуваат во врска со определена поднесена претставка. Анализата на документацијата која е доставена за случајот во кој преку првостепена и второстепена судска пресуда е овозможено на една од странките практично од КИРАЏИЈА ДА СТАНЕ СОПСТВЕНИК, а поврзано со ова и ПРЕТСТАВКАТА за овој случај до СУДСКИОТ СОВЕТ открива фрапантни детали. Во постапка по жалба во анализираниот случај (заради актуелност на случајот во јавноста не ги откривам податоците за странките во оваа постапка) учествувал судија кој сега е ЧЛЕН НА РЕПУБЛИЧКИОТ СУДСКИ СОВЕТ и истиот наместо да се изземе од комисијата која одлучува за претставката поднесена за овој случај, напротив, тој како ПРЕТСЕДАТЕЛ НА КОМИСИЈА ЗА ИЗВЕСТУВАЊЕ активно се вклучува во одлучување! Каде е тука судската етика и дали со ова однесување се поткопува целокупниот процес? Дали тоа е причина на една од странките за овој случај да не и се достават документи кои се добиени во текот на постапувањето? Едноставно, според добиените одговори од еднаод странките во Судскиот совет прв пат слушнале за барање за увид во документи,а иако постои можност за остварување на правото на слободен пристап до информации. Кој ги затвора вратите на Судскиот совет преку образложенија дека вршење на увид е невозможна мисија? Ова е незамислива постапка во една демократија, во еден систем на владеење на правото и во една правна држава! Нивното однесување упатува на заклучокот за опасност од целосна неказнивост! Дали е прифатливо едно вакво однесување од една јавна личност, една фигура, јавна институција која со промовираниот начин на однесување не ги претставува вредностите на Судскиот совет? Оттука, се поставува и прашањето: пред кого одговараат членовите на Судскиот совет за својата работа, дали тие се недопирливи, дали таа недопирливост произлегува од нивниот избор??? Очигледно е дека многу работи во однос на функционирање на овој совет потребно е да се унапредуваат, да се зајакне транспарентноста во нивната работа, а пред се во делот на утврдување на методи за оценка на работата на судиите. Практично, ние можеме на веб страниците на судовите и советот да видиме гола статистика за број на предмети и нивна процентуална застапеност. Но, како граѓаните да знаат кој судија работи со интегритет, но и кои се судиите чиишто предмети во повисоките судови се оценуваат негативно и се предмет на повторно пресудување, колкав е процентот на нивната ефикасност. Зошто на веб страниците на судовите недоставуваат податоци за програмите за работа на судовите, односно зошто не може да се информираме за сите податоци од значење за јакнење на довербата на граѓаните? Кај поголем број на судови датираат програми за работа од 2015 година, а сега сме 2023 година. Што работат претседателите на судовите??? Или тие воопшто не се заинтересирани да ги погледнат веб страниците на судовите каде сте претседатели! Каде е Судскиот совет да ги проверува веб страниците на судовите и да види кои податоци се достапни за граѓаните??? Дали постои програма или методологија која се однесува на претседателите на судовите за следење на предмети за кои постои висок јавен интерес, но и за сите други предмети, а кои се пред застарување? Која е улогата на раководителите на одделните оддели во судовите во однос на прашањето за застареноста? И конечно, сведоци сме на помпезни најави за дигитализација на судството, а оттука и прашањето зошто дигитализацијата не се фокусира и на софтвер кој ќе сигнализира дека еден предмет е пред застарување?! Постојат многу едноставни чекори кои треба системски да се превземат на стратешко ниво, но за тоа треба да има свест за правосудна култура, а не политичка волја. Напротив, токму партиската односно политичка волја ги блокира одговорите на овие прашања.

Кои судски предмети влијаат врз недовербата на граѓаните во судството, дали е можна хиерархија на индикатори?

Издашноста на коруптивното судство и ригидноста на системскиот казнен потенцијал не се на ниво да кореспондираат со потребите да ги задоволат интересите на граѓаните, на оние кои како плаќачи на данок имаат право и интерес до правда. Бидејќи во јавноста со голем интерес се зборува за организираниот криминал, би се осврнал на стечајните постапки. Зошто? Затоа што според некои информации само на 3 стечајни управници им е дадено да управуваат со имот во рамките на стечјаните постапки во вредност од околу еден до два државни буџети на нашата држава. Цената која ја платија и сеуште ја плаќаат макроата на криминалот во стечајните постапки е огромна: според некои проценки се работи за 22 милијарди книговодствена цена за сите стечајни фирми, а оние кои учествуваа во овие “оставински постапки” платија едвај помалку од 600 милиони долари, бројка за инфаркт. Според член 8  (2)  од Законот за стечај: Стечајната постапка е итна. (во овој случај ова начело со оглед на досегашнот искуство се прашуваме дали е повредено  и покрај бројните пресуди на меѓународните судови за судење во разумен рок!). Натаму,  во член 19 е наведено дека Стечајниот судија: го именува и разрешува привремениот стечаен управник и стечајниот управник; врши контрола над законитоста на работата на стечајниот управник. Стечајниот судија може по службена должност, согласно со ставот (1) точка 7 од овој член по приговор или по предлог на другите органи на стечајната постапка, а по прибавено мислење на одборот на доверители, да ги менува одлуките на стечајниот управник, ако утврди дека се спротивни на закон. Стечајниот судија во рамките на овластувањата определени со овој закон на стечајниот управник му дава писмени упатства за извршување на неговите обврски определени со овој закон, кои се задолжителни за стечајниот управник.  Стечајниот судија ја следи работата на одборот на доверителите и на собранието на доверителите. И покрај оваа законска нормираност, дали навистина во практика односно во судска практика консекветно се применуваат одвие одредби? Според определени субјекти на овие постапки кои го презентираа нивното негативно искуство за јавносга ќе обелоденам неколку индикативни случаи на ниво на индиција и со целосно почитување на презупцијата на невиност: прв случај – Од кираџија до сопственик на објект врз основа на првостепена и второстепена судска одлука, но и двете коригирани со одлука на Врховниот суд и после долги години предметот е на повторно судско одлучување пред Основен суд во Скопје: втор случај – Повеќегодишно недоставување на Финансиски извештај и неспроведување на План за реорганизација како основа за сомневање за корупција; трет случај – продажба на трафостаница која според проценката е процената околу 230.000 денари, а продадена на е-аукција за 120.000 денари, а конечно купувачот за само неколку дена ја продал за околу 500.000 денари. Овие и многу други случаи во изминатите години од осамостојувањето до денес, покажуваат дека нашаите политичари кога доаѓаат на власт не гледаат колку народни пари потрошиле, туку уште колку има за трошење! Ние ги охрабруваме надлежните органи да ги истражат овие случаи и да ја информираат јавноста како конкретен прилог кон владеењето на правото.  Попустливоста е последица и резултат на шитетењето на криминалот! Овие, но и многу други случаи влијаат врза недовербата на граѓаните во судството. Дотолку повеќе што и покрај јавното претставување на многу случаи од граѓани и правни лица, сеуште не постои силен случај на злосторничко здружение помеѓу стечаен управник, стечаен судија и одбор на доверители. Опфатот на овие случаи во многу ќе доведе до откривање што стои зад денешната економска елита. Не смее да се дозволи поединци во институциите да се однесуваат како шерифи! Предлагам итно да се формира тим кој ќе ги истражи активните стечајни постапки и да се елиминираат сите сомнежи кај граѓаните и меѓународната заедница. Ние овие проблеми не треба да ги решаваме преку засилена реторика, туку преку дијалог и аргументи. На таков начин ќе оневозможиме бескрупулозно уништување на владеењето на правото. Носителите на власт за да имаат кредибилитет треба најпрвин да имаат капацитет и резерви од бонитети, а не од хипотеки! 

Како да се подобрат состојбите во областа на македонското правосудство и покрај бројните реформи сеуште ја брануваат јавноста во негативна конотација?

Состојбите во македонското правосудство за да се подобрат потребно е најпрвин да се истражат детелно, хиерархиски почнувајќи од највисоката институција, па се до последниот суд со основна надлежност. Ние сеуште не располагаме со анализа на успешноста и ефикасноста на работата на Судскиот совет во изминатите години и пред се дали постои негова одговорност за толку “високото” ниво на доверба на граѓаните во судството која според последните истражувачки анализи изнесува околу 3%, со што се потврдува негативна тенденција на долг рок. Дали тоа значи дека потребно е да се создава нов профил на членови на Судскиот совет, нов нормативен дизајн, ново екипирање како на бројот на членовите заради зголемен интерес за надзор и контрола над работата на судовите итн.?

Натаму, потребно е да се профилира нов имиџ на лица за позицијата претседател на судот. Не е доволно само да се постави на таа функција определено лице, но потребно е да се слушне и ехото на судската фела преку анкета или друг облик на добивање на информации за интегритетот и достоинството на претседателот на судот. Кои се тие индикатори кои ги цени Судскиот совет за работата на претседателот на судот секоја година, колку тие се транспарентни, а притоа да не гледаат што се случува со нивните веб страници, дали е повикан еден претседател на суд да реферира пред членовите на Советот за проблемите кои ги има во судот, за потребниот кадар, за останатите услови за вршење на судиската функција? Моето мислење е дека претседателите на судовите кај нас многу удобно се чувствуваат во претседателските фотелји и нивната активност не е мерлива со реални критериуми. Во таа област треба да се одвиваат реформите, од концентрација на одговорност кај претседателите на судовите, па се до стручните соработници од кои некои веројатно имаат среќна звезда за успешна кариера.

Судскиот ветинг? Апсолвирана тема! Познато искуство од соседството и последиците од ветингот. Резултатот на еден судија кој е мерлив со јасни и концизни индикатори мора да биде клучот за оценката на еден судија. Ветингот доколку потекнува од извршната власт или од некој партиски штаб е голем ризик. Верувам дека нашите информатичари се моќни да создадат софтвер за следење на работата на судиите, кој надополнет со определни други индикатори ќе даде јасна слика за професионалноста и интегритетот на секој судија. Успешните судии се на маргините на судската власт. Зошто? Една од причините лежи во воспоставената практика кога се бира претседател на суд, Судскиот совет од предложените кандидати го бира многу често оној кандидат кој има дури и многу слаба оценка, напсроит високите оценки на другите кандидати. Тука лежи одговорноста на Судскиот совет за лошото менаџирање со кадровскиот потенциијал и за јакнење на мотивираноста на судиите.

Се потврдува дека ние сме први во светот за тоа што не треба да го правиме за граѓаните, за нивните интереси, но и за правните лица, а сме последни во тоа што треба да го правиме во нивен интерес. Ако во судските постапки се казнуваат играчи од структури на било која “криминална власт”,  тогаш реално е да размислуваме за ехото на народот од кој ешалон најмалку се застапени. Затоа ќе бидеме принудени да правиме шаховска алхемична рокада во која на местото од кралот ќе стои војник.  Сето ова се случува во моменти кога пораката од САД и меѓународната заедница пристигна во однос на борбата со корупцијата, моментумот е многу сложен: ние сега повеќе од било кога сме разединети, раскарани, неподготвени и несолидарни…што значи, времето за промени е пред нас! Овие промени немаат политичка конотација, затоа што мојата перцепција е во функција да се подигне квалитетот на постапките и актерите во правниот промет, перцепција која е во прилог на владеењето на правото и интересите на граѓаните (во никој случај не е претставува прилог кон политичките субјекти и партиските фанови!).