СОКОЛОВСКИ: ПРОБЛЕМОТ НА СОПСТВЕНИЦИТЕ НА ПРИВАТНИ ШУМИ ОД МАЛЕШЕВИЈАТА НАДМИНАТ

СОКОЛОВСКИ: ПРОБЛЕМОТ НА СОПСТВЕНИЦИТЕ НА ПРИВАТНИ ШУМИ ОД МАЛЕШЕВИЈАТА НАДМИНАТ
февруари 24 19:14 2022

Сопствениците на приватни шуми од Берово, кои имаат приватни имоти во дел од заштитеното подрачје Малешево, од понеделник ќе можат повторно да работат и функционираат на своите шумски парцели.Вака било одлучено на денешниот состанок во Берово на преставници од МЖСПП ЈП„Национални шуми“ како и градоначалниците на двете малешевски општини Берово и Пехчево и преставници од Фармахем.

Како што истакна претседателот на Националното здружение на сопственици на приватни шуми, состанокот вродил со плод, каде позитивно биле прифатени барањата на сопствениците на приватни шуми.

-Со задоволство морам да констатирам дека беше изнајден начин како проблемот да се премости и на задоволство на сопствениците на приватни шуми да донесеме модел по кој сите оние кои ги почнале работите или имаат посечено дрвна маса во шумите, можат уште од утре, поточно од понеделник да почнат да ги манипулираат односно да си ги собираат дрвата и да ги транспортираат.За сите дополнителни барања и молби кои што треба да се внесат во Јавното претпријатие исто така процесот е отворен.Да потцртам она што беше проблем на некој начин е надминат и се надевам дека во иднина вакви проблеми од таков вид ќе немаме, но доколку се појават некои други тука сме за да ги надминеме – рече Војо Соколовски претседател на Националното здружение на сопственици на приватни шуми.

Прогласувањето на дел од Малешево за заштитено подрачје додаде Соколовски за овој крај претставува голем бенифит особено во областа на туризмот, но очекува и од сопствениците на приватни шуми активно да учествува во управувањето на ова заштитено подрачје, зошто во управните тела ќе заземат место и членови на здружението.Додаде дека само еден мал дел од заштитеното подрачје ќе биде под поголема заштита, додека шпекулациите за забрана за сечење во оваа зона се дезинформација.

Инаку денес сопствениците на приватни шуми се собраа пред општинската зграда во Берово, за да искажат незадоволството од забраната за манипулација на дрвна маса во нивните приватни шуми во заштитеното подрачје Малешево, кое на крајот вроди со полза и проблемот е надминат.

  Категории: