На 23 овој месец, во Музејот на Берово, во 18 часот, ќе биде отворена изложба на најголемата жива легенда од Малешевијата и поширокиот регион, фудбалерот и тренер во ФК Партизан-Белград, Никица Клинчарски.
Од беровскиот музеј информираат дека посетителите ќе имаат можност да видат многу фотографии, написи во печатените медиуми од поранешна Југославија, дресови, книги, освоени медали, пехари, плакети и признанија во клубовите каде настапувал.
Отворањето ќе биде проследено со обраќање на Никица Клинчарски.
„Со оваа изложба сакаме да оставиме своевиден печат на залезот од неговата успешна фудбалска и тренерска кариера“, велат од Музејот на Берово.
Изложбата ќе биде отворена до 25 јули 2021 година.
Инаку, Никица Клинчарски најголемиот дел од пребогатата фудбалска кариера го помина во белградски Партизан. За овој клуб Никица играше 13 години, од 1976 до 1985 и од 1987 до 1989 година. Настапуваше и за репрезентацијата на Југославија.
Три години Клинчарски играше мал фудбал во САД, во екипи од Лас Вегас и Чикаго, а една година „вистиски“ фудбал играше и во Шведска, во Гетеборг.
Во годините кога тренер на Партизан беше уште една негова голема легенда-Фахрудин Јусуфи, на Никица Клинчарски му беше доверена капитенската лента на ФК Партизан, што е најголема чест за секој фудбалер. Со овој клуб, во 1989 година, го освои и Купот на Југославија.
Клинчарски, иако важеше за голем и бескомпромисен борец на фудбалскиот терен, само еднаш во кариерата бил исклучен и тоа од македонскиот фудбалски судија Бранко Манојловски од Тетово и тоа во финалето во Купот против Риека.