Граѓаните се поделени во довербата за општините во кои живеат и градоначалниците кои со нив управуваат. Малку над половината или 50,6 отсто имаат доверба за разлика од 47,5 отсто од граѓаните кои немаат доверба. Етничките Албанци со 74,3 проценти и припадниците на другите заедници со 59,1 проценти имаат поголема доверба во општините во кои живеат отколку етничките Македонци, кај кои таа доверба изнесува 41,3 проценти. Ова го покажале резултатите од последното истражување на МЦМС „Доверба во Владата и локални избори“, во делот за локалните избори.
Анализите на овие податоци покажале дека половина од граѓаните сметаат дека нивниот градоначалник не заслужува да биде реизбран. Така, вкупно 57,0 отсто од етничките Албанци сметаат дека нивниот градоначалник заслужува да биде реизбран за разлика од 37,9 проценти од етничките Македонци. Симпатизерите на СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ имаат дијаметрално спротивни ставови за реизборот на градоначалниците. Имено, 81,8 отсто од симпатизерите на СДСМ сметаат дека градоначалниците заслужуваат нов мандат, додека 87,0 проценти од симпатизерите на ВМРО-ДПМНЕ сметаат дека тие не заслужуваат да бидат реизбрани.
Според резултатите од направеното истражување на МЦМС, тројцата најдобри градоначалници се: Митко Јанчев -Кавадарци, Арбен Таравари – Гостивар и Максим Димитриевски -Куманово. За нив се изјасниле 10,5 отсто, 7,5 отсто односно 6,8 отсто од испитаниците. Етничката припадност и афинитетите кон одредена политичка партија влијаеле на одговорите. За вкупно 44 градоначалници се изјасниле помалку од 1 процент од испитаниците, додека 14 градоначалници воопшто не се спомнати.
-Прашани за која политичка партија ќе гласаат на локалните избори 22,4 отсто од граѓаните рекле дека ќе гласаат за ВМРО-ДПМНЕ, а 21,6 отсто за СДСМ. Поддршката за ДУИ и Алијанса за Албанците е 8,0 отсто, односно 6,2 отсто, а за Левица 5,2 проценти, стои во информацијата од МЦМС.
Резултатите покажале и дека вкупно една третина од граѓаните или 34 проценти е неизвесно за кого ќе гласаат на седмите локални избори во Македонија. Од нив, 15,2 отсто рекле дека нема да излезат на гласање, а 15,9 отсто рекле дека не знаат или одбиле да одговорат. Најмладите се најбројни меѓу оние за кои е неизвесно за кого ќе гласаат со процент од 37,3 отсто.
За МЦМС, анкетата ја спровел М-Проспект. Податоците биле прибирани со телефонска анкета во периодот од 17 до 24 март 2021 година. Анкетата е спроведена на национален репрезентативен примерок од 1003 испитаници.
(Фокус)