Ова е туристичката населба „Абланица“ во Берово, една од поголемите туристички локалитети во регионот. Абланица располага со околу 200 викенд куќи, во споственост на граѓани од различни градови на Македонија, а дел од нив нудат сместување за туристите. Исто така, населбата Абланица има најмногу и најатрактивни археолошки локалитети во Oпштината Берово.
Абланица е гордост на наше Берово, која во секој период од годината нуди посебна убавина, особено во летните периоди кога е и најпосетена. Овде е вистинско уживање, каде може да се одмори, да прошета низ пешачките патеки и шумите со кои е опколена од сите страни и да се излади во реката Брегалница која ја дели населбата на два дела.
Последните години инфраструктурата во Абланица се подобрува, а се поголем број граѓани одлучуваат овде да направат свој капм или куќарка и да избегаат од градскиот метеж. Како значајна придобивка последниот месец за сите посетители е изградбата на новиот пат од Абланица до Црвен Брег и градот Берово, кој има огромно значање за сообраќајната врска до градот и обратно и поголема пристапност до имотите на граѓаните.
Особено ново направениот пат секојдневно привлекува многу луѓе, како одлична можност за прошетки низ убавите шумски предели на Абланица. Неколкупати и ние ја испешачивме оваа патека и можевме да сретнеме беровчани и туристи кои со пофални зборови го поздравуваат овој проект. Но во разговор со нив, а и од наше видување, црна дамка остава депонијата за градежен шут на месноста Црвен Брег, што со години е овде и се исфрла секаков вид на смет и ја расипува гледката и собраната енергија на финишот на оваа патека.
Години наназад порталот Малеш Нет ја актуализира оваа тема со депонијата на градежен шут, но залудно. И покрај многуте апели од општинските власти и поставувањето на знак за видео надзор, сепак тоа не вроди со плод и се си останува исто. Несовеста кај граѓаните е на високо ниво, што секој може овде да дојде и да фрли било каков смет или отпад без да му трепне око, тоа секојдневно и се случува.
Општинските власти немаат решение или немаат волја за решавање на овој проблем, кој претставува грда слика за нашиот град и во очите на сите посетители и туристи кои поминуваат од тука. Менаџирањето со депонијата од страна на општината се покажа како најслаба алка, каде досега иако може многу лесно да се стави ред за одредени несовесни граѓани за изнесување на смет со системот на казнивост кој треба да се применува за несовесните загадувачи и со кој се сложуваат многу граѓани, но не се спроведува од страна на општинските власти.
Многу Беровчани реагираат на овој проблем, па порталот Малеш Нет упати прашање до градоначалникот и општинските власти, што планираат за состојбата за депонијата за градежен шут. Кои се нивните решенија и дали постои можност за нејзина дислокација или не. Повеќе од десет денови го чекаме одговорот, но дури пред неколку денови бевме удостоени со одговор.
Во одоговорот од општината се наведува дека за да се определи нова локација за градежен шут, потребна е сеопфатна анализа и согласност од надлежните министерства, а започната е изработка на детална анализа за утврдување на нова локација за депонија за градежен шут.
-Во врска со Вашето прашање за депонијата на градежен шут лоцирана на месноста Црвен Брег, Ве известуваме дека за Депонија за градежен отпад и земјан материјал од ископ, е определен локалитетот Црвен Брег, со Одлука за јавна чистота, донесена од страна на Советот на Општина Берово, со бр. 07-1633/1 од 09.10.2008 година.За да се определи нова локација за градежен шут, потребна е сеопфатна анализа и усогласување со позитивните законски прописи, пропратена со согласности од надлежни министерства, што претставува една подолга постапка пред надлежни органи. Депонија каде што ќе се одлага градежниот шут, мора да има, па така до моментот на обезбедување на нова локација , мора да се користи веќе постоечката. При евентуално затворање на постоечката депонија, без обезбедување на нова, ќе бидат создадени повеќе нови диви градежни депонии, што не е поволно решение за никој од нас.Со оглед на изградбата на локалниот пат Берово- Црвен Брег – туристичка населба Абланица, имаме во предвид дека депонијата не е убава слика ниту за жителите ниту за туристите и затоа почнавме со изработка на детална анализа за утврдување на нова локација за депонија за градежен шут – велат од општина Берово.
Сепак општината добро е запознаена дека овде не се фрла само градежен шут и земјен матерјал за која е наменета дадената локација, како што наведуваат одговорот. Овде со години е преплавено со пластика, електронски отпад, мебел и се што можете да замислите од ѓубре. Па така како што е донесено решение од страна на Советот на општина Берово за градежна депонија на оваа локација, така може да се донесе и решение за дислокација на истата, но доколку се сака. Дефинитивно овде не треба да пости депонијата, каде исто така во близина се наоѓа и православениот храм посветен на „Свети Гаврил Епископ Велички Светогорец Македонски“.
Додека се изнајде решение за дислокација на депонијата за градежен шут, очекуваме комуналните инспектори озбилно да си ја сфатат работата, почесто да интервенираат на терен, барем малку да се покаже пред туристите, граѓаните и сите посетители дека овој дел кој веќе е фреквентен, нема да боде во очи со пренатрупан смет. И не само овде туку и на другите места кои секојдневно прераснуваат или се диви депонии. Општината конечно да превземе мерки за башибозукот на овој дел од градот и конечно за да стави ред да применува казни, што би било праведно, а тоа и граѓаните го очекуваат. Со еден збор овде не треба да постои оваа депонија, па очекуваме ургентно и итно решавање за дислокација на овој проблем за целиот град Берово.