Во Берово денеска започна третиот Интернационален турнир во Пинг-Понг ,,ЗЕГИН ОПЕН 2024″. Организатор на турнирот е Пингпонгарскиот клуб Зегин, а на истиот ќе учествуваат пингпонгари од 12 земји во светот.
Турнирот се одржува под покровителство на големиот поддржувач на спортот Благој Механџиски и компанијата Зегин кои за учесниците обезбедија награден фонд од 12.000 евра.
-Оваа година по трет пат се организира Меѓународниот турнир Зегин ОПЕН. Од година во година имаме се посилен турнир, а годинава имаме пријавено учесници од 12 земји, меѓу кои од Нигерија, Киргистан, Аргентина Украина, Бугарија, Србија и други. Сите тие доаѓаат од 36 градови во Европа и светот. Првиот ден е наменет за ветерани, а утре и задутре продолжуваме со сениорска категорија, додека во недела се младинците. Наградниот фонд изнесува12 000 евра што го прави ЗЕГИН ОПЕН ајголем ваков на Балканот, истакна тренерот на ППК ,,Зегин”, Јован Ковачовски.
За прв пат годинава, како што додаде тренерот на беровскиот клуб, сите учесници в сабота (14.09.2024) ќе продефилираат низ центарот на Берово со знамињата на своите земји, додека во вечерните часови ќе се одржи и концерт на македонската група Некст Тајм.
Сашо Стојановски кој е дел од организацијата очекува успешен турнир кој според него повеќе од сигурно е дека прераснува во една голема традиција.
-Оваа година сме домаќини на играчи од многу земји, добро е што имаме се побогат награден фонд, со што се зголемува привлекувањето на играчи од поголемата класа. Им посакувам. многу среќа во натпреварите на сите учесници, додаде Стојановски.
Дел од ветераните кои настапуваат на првиот ден од турнирот, веќе биле во Берово, но дел од нив се овде за прв пат. Најмногу учесници има од соседна Р.Бугарија, кои се уште активно се натпреваруваат за своите екипи.
-Цел живот играм пинг понг, сите од Бугарија сме од свои клубови и очекувам награда, вели учесник од соседната земја.
Учесник од Харков, Украина го поздрави турнирот најмногу поради добрите награди, а за прв пат меѓу учесниците е и екипа од Турција.
-Тука сме околу десетина натпреварувачи, прв пат сме овде и не привлекоа наградите, вели учесничка од Турција.
Во Берово благодарение на главниот поддржувач Благој Механџиски Зегин, пинг понгот во последните години зема замав, со што градот се вбројува меѓу градовите со најмногу млади вљубеници во оваа игра.