Беровчани и сите што живеат тука, им недостига Берово какво што го знаевме пред 3 месеци, мирисот на чаршиското кафе, вкусот и рестораните, Беровското езеро, паркот и седенките, разговорите и смеата…
Иако кафичите и рестораните од пред неколку дена се отворија, се укина полицискиот час, сепак тоа не е тоа.Сите барем еднаш си рекле “Че пиеме ле кафе на чаршијата„реченица која до пред неколку дена немаше потреба да ја користиме, бидејќи немаше каде и со кого да се видиме.
Веројатно ќе помине долго време пред да се вратиме на некои стари навики, кои им недостасуваат на многу луѓе поради карантинот и коронавирусот кој го зафати целиот свет.
Од оваа ситуација се роди една интересна идеја поточно на социјалнати мрежи се појави профил кој брзо се рашири низ соседните земји, на кој се испишани сите овие стари навики кои им фалат на сите и каде луѓето можат да ги споделат своите желби, а сето тоа зрачи позитивно.Станува збор за едно ново движење со име„ Ја Би“, кое на социјалните мрежи брзо пристигна и во нашиот град под назив „Ја Би Берово“, формирано меѓу првите во Македонија.Креатори на оваа страна се неколку наши млади Беровчани, кои за кратко време станаа препознатливи во целата Малешевија, со еден вид активизам и верба дека може да има промена, верба во подобар живот, во подобра иднина која сите ние треба да ја изградиме.
Додека другите Ја Би платформи делуваат само на социјалните мрежи, нашите креативци не застануваат тука.Тие веќе неколку недели организираат хуманитарна акција која сеуште е во тек, за помош на најзагрозените во Малешевијата, преку донирање од човек за човек на било какви предмети, апарати за домаќинство, храна,облека и се што на некој не му е потребно или сака да се ослободи од тоа, а може да се даде на некој кој му фали.Нивната ангажираност и хуман гест, го препознале и нашинците кои живеат во другите држави, па учествувале и тие во донирање средства за помош на најзагрозените Малешевци.
Младинскиот активизам од страна на Беровските хуманисти, стана препознатлив насекаде во Малешевијата, па набрзо како што велат тие, луѓето почнале да им се јавуваат и да им донираат работи кои не ги користат.Поддршка доѓа од сите страни, а тие продолжуваат да делуваат за промена на општеството и реализација на идните идеји.
Инаку младинскиот активизам, кревањето на глас против неправдите во општеството и вклучувањето на алармот на хуманост, последните неколку месеци во нашето Берово оди во нагорна линија.
Ваквиот пример на овие млади хуманисти кои многу навистина многу време и енергија, сопствени ресурси и секој момент слободно време го посветуваат на хуманата мисија која сосема наивно произлезе, а со сигурност прераснува во една од можеби најголемите иницијативи за помош на најранливите категории без разлика на било каква припадност на територијата на Берово и околните села. И сето тоа единствено со поддршка на сограѓаните. Нивната стартна мисла “сето она што го имате а не го користите но на некој му е неопходно” нека биде поттик до повеќе луѓе да донираат и бидете без сомнеж – ќе го најде вистинското место!