МАЛЕШ НЕТ СТОРИЈА: ИМА ЛИ СЕНКА, СЕНКАТА НАША

МАЛЕШ НЕТ СТОРИЈА: ИМА ЛИ СЕНКА, СЕНКАТА НАША
декември 01 17:13 2020

Зимата бразди се подлабоко.Деновите се кратки и безлични, ноќите студени а утрата мразовни и магливи. Секојдневно, се повеќе луѓе се будат во реалноста во која се нашле и живеат како сенки а товарот на грбот што го носат не им дозволува да се помрднат од место, да го кренат погледот, да го видат небото. И секој е приказна за себе, слична една на друга а толку различни. Но има и животни приказни што не се вклопуваат во ниедна шема а нивните главни ликови не се ни сенки туку своевидно проклетство на материјализирани ужаси. Можете ли да замислите во овие студени зимски денови да немате дом, ни кревет, ни маса, ни чинија топла супа на масата, ни мирен сон што ве окрепува ? Можете ли да замислите и да премерите колку долго трае ноќта ако не сте го допреле и осетиле безнадежниот вкус на бездомноста? Еден човек од нашата средина е токму ваквиот лик на едно вакво проклетство. Зоран Вранчовски чека кротко и папсано да се заврши денот, талкајќи со чекор на робот од тука до тука низ градот, чукнувајќи на некои врати да понуди било каква помош, да донесе некому намирници од продавница, лекови, некому дрва да искачи по долгите и тешки скали и што уште не, за да добие за возврат малку храна,старо износено палто, распарени но топли чорапи што надежно ќе му го присторат моментот од животот убав. Но, за кратко и се поретко заради настанатите пандемски услови.

Дом, топла печка и филџан топол чај, чинија од која се крева миризлив вкус на живот, нема. Тоа го приморува да се крие од светот и реалноста , од немај каде, во запустениот двор на некогашната семејна барака каде на отворено импровизирал кревет од картони и партали. Но ноќите зимски и студени се повеќе го болат во коските терајќи го да се засолни на посигурно. А каде? Скришно кога сите ќе се повлечат во своите топли гнезда, кога градот ќе почне да тоне во сон, се вовлекува во подрумите на некои згради, вели – таму ми е добро.

По првите мугри кога градот живнува, го напушта скривалиштето и….се почнува се одново.Талкање од тука до тука, измислување начини сам да си заработи за лебот, да преживее. Ден за ден. Секој нов, нов предизвик со купишта неизвесности. И гладен се почесто и премрзнат и под товар на годините. Сенка на нашите сенки невидливи.

После неколку часа талкање низ градот го пронајдовме Зоран кај споменичарската работилница, каде неговите познаници кои несебично му помагаат со храна и барем малку да се стопли во утринските часови, велат дека состојбата со него е загрижувачка.

Со внатрешен нескриен револт на растуреното семејство, на институциите, на државата, соочен со суровата реалност, со одбивен став кон можните решенија. А толку се малку и толку се едноставни. Само добра воља да се покрене желбата да се помогне.

Желбата да му се помогне не доведе до Меѓуопштинскиот центар за социјални работи во Берово, каде и покрај многуте напори да помогнат, велат одбива секаков контакт со институцијата.

Овој свет и ова место на живеење, нашиот временски одреден престој во него, ни дале карма да бидеме тоа што сме но, за жал сите исто не се вклопуваме во него. Некому навистина му е потребна помош. И убавината и проклетството на реалноста се минливи и променливи и подеднакво силно ги полнат и осилуваат и нашите најубави соништа и нечии непоимливи ужаси. Ова е ликот што заслужува да се нарече човек оти никому ниту му нанеле зло, ниту му помислил лошо, оти ни тронка вина нема заради изгубениот сенз за самостојното барање подобар, полесен пат да се движи низ животот. А ние сме дотолку луѓе колку што умееме да подадеме некому рака, да помогнеме, еден зрак сонце да пуштиме да осветли и стопли нечија изгубена надеж дека смислата на животот може да се бои не само со сиви, матни и изветвени бои. Има и едни други малку поинакви.

  Категории: