Владата на денешната седница одлучи да се укине забраната за движење во шуми и шумски предели, но за заштита и за спречување пожари на отворено, ќе се спроведуваат засилени контроли од страна на МВР и Шумската полиција.
Како што соопшти владината прес-служба, врз основа на препораките на Главниот штаб за управување со кризи, Владата донесе одлука за укинување на забраната за движење во шуми и шумски предели и ги задолжи Министерството за внатрешни работи и Шумската полиција при Министерството за земјоделство, шумарство и водостопанство да спроведуваат засилени контроли за заштита и спречување на пожари на отворено.
Забраната за движење во шумите и шумските предели беше во сила од 3 август главно поради пожарите кои во тоа време избувнаа во голем број и на повеќе места.
Но, пред 5 дена, поради дождовите кои ја подобрија состојбата со пожарите, забраната беше делумно укината.