СЕ СЛАВИ ВЕЛИГДЕН ВО БЕРОВО

април 08 21:02 2018

Со зборовите Христос Воскрена – Навистина Воскресна како што налагаат обичаите, православните верници од Берово си го честитаа  големиот христијански празник Велигден точно на полноќ.Голем број граѓани се собраа во црквата Рождество на Пресвета Богородица на градскиот плоштад  каде свештениците од беровското архиерејско намешништво заедно со верниците го извршија трикратниот опход  околу црквата.Со биењето на камбаната се означи Велигден, празникот кога Исус станал од мртвите и ја докажал својата боженствена моќ.Воскресението Христово точно на полноќ беше објавено во  сите христијански храмови низ Македонија.Верниците со радост ја дочекаа  веста за Христовото Воскресение и си посакаа Божјата наклонетост да допре до сечиј дом и да подари здравје, среќа и љубов на секого.

Берово синоќа беше преплавено од голем број туристи и граѓани кои ги исполнија градските локали до последно место.Еве дел од синоќешната атмосфера фатена од објективот на екипата на Малеш Нет.

Во чест на големиот христијански празник Велигден, денес пак на градскиот плоштад беше организирана свечена манифестација од страна на Општина Берово, каде свое обраќање имаше градоначалникот на Берово.На културната свеченост настапија членовите од КУД Димитар Беровски и староградскиот оркестар, а особено внимание привлече натпреварот за најцврсто и најукрасено јајце.Исто така на градскиот плоштад  беа поставени неколку штандови со украсени јајца изработени од учениците во  основните училишта  ООУ “Дедо Иљо Малешевски“ – Берово и ООУ “Никола Петров Русински“ – Русиново како и од средното училиште ОСУ “Ацо Русковски“ – Берово, и градинката ОЈУДГ “23 ти Август.

Велигден се слави како празник над празниците, победа на животот над смртта.Обичаите и традициите се врзани со црвените велигденски јајца кои го симболизираат повторното раѓање.Се верува дека тврдата лушпа на јајцето го претставува гробот на Исус, а кршењето на јајцата воскрснувањето од мртвите.Палењето на свеќите пак е симбол на Исусовата светлина која никогаш не гасне.

  Категории: