На десет дена пред почетокот на учебната година, основните училишта се уште ги чекаат новите учебници предвидени со наставната реформа. Не се готови печатените материјали за прво одделение и дигиталните за четвртто, како и нивните верзии на Брајово писмо и аудио формат.
Од Министерството за образовани појаснуваат дека ќе бидат обезбедени навремено, но дека дигиталниот аспект на наставата, новината за оваа година, ќе се спроведува постепено.
Дали четвртоодделенците ќе мораат задолжително да имаат таблет во ранците за успешно пратење на наставата, сепак, ќе зависи од лекциите предвидени за тој ден.
“Согласно со новата концепција за основно образование предвидена е дигитализација на материјалите за учење, а не дигитализација на наставата. Така што во училниците не е потребно да бидат поставувани компјутерски уреди, бидејќи наставата ќе се реализира преку интеракција наставник – ученици, а примена на ИТ уреди ќе има кога тоа ќе го наложи наставната материја за одредена тема”, велат од МОН.
Дополнуваат дека до 1-ви септември родителите ќе бидат известени за сите потребни материјали предвидени за почетокот на годината и за спроведување на реформата.
“МОН е во постојана координација со градоначалниците и директорите на училиштата кои интензивно се подготвуваат за успешна имплементација на реформските процеси. Родителите, наставниците и учениците треба да се спокојни бидејќи наставата ќе почне во најдобар ред со сите обезбедени ресурси кои се предвидени со Концепцијата”, уверуваат од Министерството.
Анализата на МОН покажала дека над 90 отсто од вкупниот број на ученици, поседуваат некаков тип на електронски уреди за следење на наставата. За останитите 10 проценти, односно за оние кои потекнуваат од социјално загрозени семејства, Министерството се обрза да им обезбеди услови за дигитална настава.
За оваа намена засега се набавени 10 илјади таблети, од кои од училиштата подигнати се околу три илјади, кои ќе ги користат учениците од четврто одделение од семејства со ниски приходи.
Процесот на дигитализација предвиден со новата наставна концепција почнува од оваа учебна година. Ќе почне да се применува во прво и четврто одделение, а потоа етапно, во наредните неколку години, во план е да биде спроведена целосно.
Извор: Сител Тв