Семејството Дочински за првпат во Македонија произведува мед со сушено овошје

Семејството Дочински за првпат во Македонија произведува мед со сушено овошје
јули 05 17:33 2022

На неколку различни дестинации во богатата природа на Малешевијата, сместени се кошниците со пчели на семејството Дочински. Гоце Дочински, дипломиран земјоделец-агроменаџмент и неговата сопруга Софче, која по професија е наставник, со пчеларство се занимаваат веќе 10 години, а нивните дечиња, ученичињата Јована и Стефан се вредни како пчелките што ги чуваат нивните родители.

„Пчеларството за нас е семеен бизнис со целосна посветеност, вклучувајки нè подеднакво сите и со работа и со нови идеи за унапредување. Едно посебно уживање во природата и заедничките мигови на нашето семејство задавајќи си нови предизвици и постигнување на нови успеси.“, ни рече Гоце.

Семејството Дочински имаат околу 500 пчелни семејства.

„Прво и основно вадиме мед, ги користиме сите благодети кои ги дава нејзиното височество пчелата како прополис, полен, перга, матичен млеч. Сега имаме и мед со матичен млеч, мед со поленов пра, мед со перга, мед со прополис и прополис како природен антибиотик распрскувач. Имаме мед со семе од коприва, мед со таан, мед со саќе, мед со јаткасти плодови и нашите најнови производи мед со сува вишна, сува малина, сува боровница.“, ни ја откри Гоце палетата на нивните производи.

Како што знаеме од искуство и од повозрасните пчелари, во зависност од годината и временските услови секоја година се вади и различна количина мед. Климатските промени имаат голем удел и во приносите на мед, а Дочински вели дека се задоволни ако имаат 10 кг мед во просек од пчелно семејство.

Ги прашавме Софче и Гоце дали се задоволни од пласманот и од побарувачката и како ја вршат продажбата на нивните производи.

„Да, задоволни сме. Посветеноста, квалитетот на медот, маркетингот, прават да имаме и добра побарувачка. Продажбата на медот тече телефонски, по нарачка и достава насекаде низ Македонија. Имаме доста голем интерес за сите мешавини на мед кои ги правиме. Затоа што навистина станува збор за природно неодоливи вкусови, а плус тоа и има здравствени придобивки. Медот со суво овошје за прв пат во Македонија, нов производ од нашиот бренд очекуваме да биде примамлив за сите возрасти со својот вкус, би рекле здравје и енергија во лажичка.“

За оние кои не знаат Дочински ни откри како се доаѓа до прополисот.

„Пчелата го собира прополисот од смолата на дрвјата и цветните пупки. Пчелата со прополис ја затвора својата кошница од студ и натрапници. Собраниот прополис откако ќе го извадиме од кошницата се става во замрзнувач за да не е леплив и да може да се иситни. Потоа се става 300 гр прополис во 1 литар чист алкохол и се остава да отстои 15 денa или колку подолго, толку подобро.“

Како цел и желба за во иднина за семејството Дочински е нивниот мед да стане препознатлив бренд со голем асортиман на производи.

„Плановите се развиваат постепено со сите нови случувања и побарувања што ги имаме од потрошувачите. Но она што сега си го поставуваме како предизвик е да станеме голем и препознатлив бренд со голем асортиман на производи. Отворање на наша веб-страница која ќе даде можност во ова време на технологија, побрзо, полесно, поедноставно потрошувачите да слушнат за нас и за квалитетот на нашите производи. Затоа што ние сме добитници на седум златни медали за квалитет на мед на меѓународно ниво. Да нè препознаваат и побарувачката да биде уште поголема, а и нарачката полесно и поедноставно да се одвива.“

Дочински вели дека сè поголем е бројот на луѓе кои консумираат мед и производи од мед.

„Искрено може да се каже дека да, Македонците консумираат мед. Можеби и периодот на пандемијата си го направи своето и ја разви свеста кај секој од нас дека треба да се грижиме за сопственото здравје секојдневно. Важи онаа наша стара народна СО ПРИРОДНО СПРЕЧИ, НАМЕСТО ДА ЛЕЧИШ.“

Извор: agrotim.mk

  Категории: