Во село Ратево, Општина Берово,денес се одржa ратевскиот карневал „Бамбурци“.По пауза од една година поради пандемјата, на годинашното 13 издание на ратевскиот карневал, се претставија Ратевските Бамбурци како и маските на Звегорска Сурова, Џаламарите и гости од Мокриево.
Скромната понуда на фестивалот и оваа година поради мерките за претпазливост ги собра во центарот на Ратево само домашните гости од повеќе краишта на Македонија.Почетокот на фестивалот го отвори градоначалникот на Берово, Звонко Пекевски честитајќи го празникот Собор на св. Јован Крстител, осврнувајќи се на препознатливиот карневал ,,Ратевски бамбурци”, кој влезе во календарот на културни случувања во Македонија и кој е отсликување на традиција, која е стара 600 години.
Организаторите на карневалот истакнаа дека традицијата стара шест векови за Ратевци претставува аманет за продолжување на традицијата, заблагодарувајќи им се на сите кои помогнаа да се одржи денешното случување во селото.
-Како што знаете претходната година не се одржа карневалот поради пандемијата.Оваа година како единствена маска се преставија пеесетина момчиња, маскирани со кожи од животни и звонци за да го истераат злото и да ја продолжат нашата традиција во селото.Очекувавме поголем број гости и групни маски како претходните години, но не сакаа да ризикуваат поради пандемијата и да дојдат на карневалот. Сепак тука беа присутни и неколку маски од селото Звегор, од Мокриево и Џаламарите.Ратево и Ратевци живеат за денешниот ден и Ратевските Бамбурци – рече Драган Аговски претседател на здружението „ Ратевски Бамбурци“.
Баба Елена од село Ратево веќе 83 години се сеќава на вековната традиција во селото.Вели дека Бамбурците одсекогаш биле белег на нивното село и дека повеќевековната традиција на овој ритуал, што е поврзан со верскиот празник Свети Јован Крстител, не била прекината ниту една година.
-Јас има 83 години и уше одамна како што помнам е така.Порано живеевме во колибите близу селото Двориште,па од таму сите се собиравме и за празникот Св.Јован Крстител заедно со Бамбурците го прославуваме празникот на мегданот со музика и веселби.Ништо не е сменето од претходно – вели баба Елена.
Многувековната традицијата на месните жители, со маски, изработени од природна кожа од животни, да ги растеруваат злите духови прерасна во голем интернационален карневал.Како најголем промотор на фестивалот кој веќе осум години е присутен овде во Ратево е и црногорскиот фотограф Југолсав Белада, кој преку неговиот фокус насекаде го претставува неуморниот дух на Ратевските Бамбурци.
-Тука сум веќе десет години, мојата сопруга е од околината на Берово, а во Ратево доаѓам од 2013 година кога прв пат слушнав за фестивалот и тоа е мојата конекција со овој крај.Секоја година сум тука, ги пратам маските кои навистина се уникатни и се богатство на овој народ.Имаме и ние неколку фестивали во Црна Гора, каде има огромен број гости од Бугарија,Романија,Словенија, има и слични маски, но овде е нешто посебно – рече фотографот Југослав Белада.
Инаку маските за карневалот се изработуваат два-три месеци пред фестивалот, така луѓето од Ратево со векови, ги растерувале злото и болестите кај луѓето и кај добитокот. За време на карневалот за сите гости имаше греана ракија и празнично гравче за учесниците.
Во продолжение погледнете го видеото од карневалот „ Ратевски Бамбурци“.