Во средното училиште ОСУ „Ацо Русковски“ – Берово, денес беше организирана промоција на гимназиското и стручното образование каде девето одделенците од Општина Берово и Општина Пехчево имаа можност преку поставените едукативни штандови да се запознаат со образовните профили што ги нуди училиштето од стручното образование како и соодветните подрачја од гимназиското образование.
На настанот идините гимназијалци имаа можност преку практични примери од учениците во гимназијата и наставниот кадар во училиштето да се информираат за работењето на училиштето, како и за програмските цели на образованието.
Профилите коишто ги нуди беровското средно училиште се гимназиски паралелки и стручни паралелки, со што на гимназиските паралелки ги има профилите природно-математичко и општествено-хуманистичко, додека во стручното образование има три профили тоа се: текстилно-кожарската струка, угостителско-туристичката и шумарско дрво-преработувачката струка.
Во рамките на отворениот ден, свое обраќање имаше директорката на гимназијата Душка Паговска, како и ученици средношколци од сите профили на образование кои ги нуди беровското средно училиште, со цел заинтересираните деветоодделенци да донесат одлуки за да се запишат токму во гимназијата Ацо Русковски, каде понудата на квалитетно образование ќе им биде водилка низ понатамошното нивно школување.
-Денес сме домаќини на мошне важен настан, отворен ден на училиштето за учениците од деветто одделение и секако нивните родители, се со цел да ги запознаеме се што нудиме во нашето училиште, кои профили ги има во ООУ„Ацо Русковски“ во Берово. Од профилите коишто ги нудиме имаме гимназиски паралелки и стручни паралелки. Од гимназиските паралелки ги имаме профилите природно-математичко и општествено-хуманистичко, додека во стручното образование имаме три профили тоа се: текстилно-кожарската струка, угостителско-туристичката и шумарско дрво-преработувачката струка. Се надеваме дека ќе имаме успешни уписи, а учениците од девето одделение ги очекуваме да се аплицираат и да се запишаат електронски на 20 и 21 јуни – истакна директорката Душка Паговска.
Сите ученици, кои ќе се запишаат во прва година во ОСУ ,,Ацо Русковски” во Берово, од Буџетот на општина Берово за 2022 година, на почетокот на учебната година, ќе добијат по 5.000,00 денари.
Отворениот ден веќе неколку години наназад го организира средното училиште „Ацо Русковски“ и е можност идните ученици да остварат непосредна комуникација со наставниот кадар и директно да се запознаат со различните активности, проектите и условите за работа во училиштето.
Отворениот ден утре ќе биде презентиран и во просториите на ОСУ „Ацо Русковски“ во Пехчево, каде исто така ќе бидат презентирани профилите на образование кои ги нуди училиштето.
Во продолжение видео од настанот: