ОСТРА РЕАКЦИЈА НА ЗДРУЖЕНИЕТО „ПРОАНИМА“ ЗА УТРЕШНАТА ШТРАПАРИЈАДА.ОРГАНИЗАТОРИТЕ СО КОНТРА ОДГОВОР СЕ РАБОТИ ЗА СПОРТСКИ НАТПРЕВАР

ОСТРА РЕАКЦИЈА НА ЗДРУЖЕНИЕТО „ПРОАНИМА“ ЗА УТРЕШНАТА ШТРАПАРИЈАДА.ОРГАНИЗАТОРИТЕ СО КОНТРА ОДГОВОР СЕ РАБОТИ ЗА СПОРТСКИ НАТПРЕВАР
август 26 16:21 2023

Претстојната “Штрапаријада” која за утре е закажана во Берово како настан од натпреварувачки карактер во чии рамки коњи ќе се натпреваруваат во влечење трупци, повторно беше причината за остра реакција од страна на здружението за заштита на животните ,,Проанима”. Оттаму во својата објава на фејсбук посочуваат дека организаторите и учесниците не само што со своите дејствија вршат кривично дело, туку целиот настан е проследен со бројни пропусти на штета на животните, повикувајки се на членот 4 од законот за благосостојба и заштита на животните кој предвидува дека во секој можен случај и под секакви околности, секој треба да дејствува на хуман и грижлив начин кон животните.

-Во недела, на 27.08.2023 година со почеток во 09 часот во Берово ќе се одржи “Штрапаријада”, настан од натпреварувачки карактер на кој коњи се присилуваат на влечење на трупци. Под изговорот дека се работи за одржување на спортски настан, сведочиме на мачење на животните, на една суровост и примитивизам кој до краен степен ја нарушува нивната благосостојба. Ако само го погледнете видеото од Штрапаријадата одржана минатата година или истата од 07.05.2023 година, во истата организација, ќе посведочите на крајно нехумано и сурово однесување спрема животните од страна на учесниците, проследено со влечење, тепање, присилба на коњи која го надминува нивниот физиолошки капацитет, здравствена или кондициона способност, се вели во објавата на фејсбук од страна на здружението.

Разочарани се и од односот на Општината поради како што рекоа индиферентноста за настанот. Спроед нив Штрапаријадата во Берово е само уште еден доказ за целосно нефукционирање на системот, за целосно игнорирање на случувањата на надлежните институции, кои според нив не само што не постапуваат по службена должност што е нивна законска обврска, туку и не реагираат соодветно.

-Вакво недозволиво однесување и безредие на мала група на луѓе, кои со секоја своја постапка кршат закон не би била можна кога институциите на системот би си ја вршеле работата за која се платени. Овој настан и во минатото и сега е пријавен од сите здруженија за заштита на животните, се вели на крај од објавата на беровското здружение за заштита на животните.

Градоначалникот на општината Берово, Звонко Пекевски во телефонска изјава со одговор дека напротив, не само што како Општина не се индиферентни, туку ги имаат преземено сите обврски вклучително и запознаено надлежните од ОВР да извршат проверка дали Штрапаријадата се организира согласно законот за заштита и благосостојба на животните.

-Општината е воопшто не е индиферентна, туку презема конкретни чекори во врска со настанот. Побарано е од организаторот да се обрати до ОВР Берово, за да се провери дали целиот настан се организира согласно закон. Според моите информации настанот се организира на приватен имот, за кој организаторот има договор со сопственик на приватниот имот и притоа имаат нивна редарска служба. За благосостојба на животните одговорна е Агенција за храна и ветеринарство. За напоменување е и тоа дека Општината нема дадено согласност Штрапаријадата да се организира на имот кој е општинска сопственост, туку ќе повторам истиот се организира на приватен имот со договор меѓу организаторите и сопственикот на приватниот имот, рече Пекевски.

Организаторите на утрешната Штрапаријада, кои децидно тврдат дека не станува збор за било какво малтретирање на животните, а настаните од ваков тип долги години се традиција во голем број земји.

-Нити некогаш сме ги малтретирале, нити ги малтретираме животните и коњите, напротив коњот е создаден за да помага во извршување на земјоделските работи. Како семејства ние долги години, може да кажеме преку 30 години живееме од тоа. Сакаме да потенцираме дека ваков вид на настани се организираат во целиот свет и ќе повториме не се работи за малтретирање, туку на тој начин ја мериме силата на самиот коњ кој учествува во Штрапаријадата. Што се однесува до самите животни, коњите ги сакаме повеќе отколку самите нас и како семејства егзистираме од тоа. Сакаме да ги потсетиме од здружението, каде беа со нивна реакција кога на граничниот премин Табановце, човек со неколку коњи, неможеше да ја премине границата и покрај сета документација. Коњите беше ижеднети од многу чекање на сонце, а сопственикот ги молеше здруѓенијата за заштита на животните да помогнат но немаше никаква реакција од нив. Е тоа е малтретирање, а не ние кои како и секаде во светот ја мериме силата на коњот на еден спортски натпревар и никој не може повеќе да ги сака коњите од нас велат организаторите на беровската Штрапаријада.

https://www.facebook.com/groups/3244945255769924/permalink/3472047866392994/?mibextid=Nif5oz

Повторија дека се работи за спортски натпревар и според нив реакцијата на здружението за заштита на животните е неиздржана, подвлекувајки дека коњот и животните се создадени да му помагаат на човекот и како такви имаат доста значајна улога во самата егзистенција. Очекуваат многу публика на настанот и подвлекоа дека на луѓето им е преку глава од ваквите реакции на здруженијата за заштита на животните, кои според нив секогаш реагираат на штета на самото случување и на самите граѓани.

  Категории: