Само од јануари до октомври годинава општините потрошиле на пејачи и на други забавувачи 961 илјада евра. До крајот на 2024 година се очекува дека сумата ќе надмине еден милион евра. Ова го покажува последното истражување на Центарот за граѓански комуникации.
Според наводите на истражувањето, лани за оваа намена се потрошени 1 милион и 11 илјади евра.
Најскапо платена годинава е Северина за која Крива Паланка платила 25 илјади евра.
Сепак, годинава, најмногу пари добила Јелена Розга бидејќи имала два настапи, во Берово и во Штип. За двата настапа и биле исплатени 42 илјади евра.
Лани, најскапо бил платен Саша Ковачевиќ, кој од Штип добил речиси 26 илјади евра.
Најмногу пари на забавни манифестации трошат општините Кавадарци, Струмица, Штип, Кисела Вода и Велес.
Овие услуги општините ги набавуваат преку помалку транспарентни постапки или наоѓаат начини да не го применат Законот за јавните набавки, велат од Центарот за граѓански комуникации.
Вакви трошоци имале 50 општини. Од другите, 29 немаат, а две не доставиле податоци.
„Забавните манифестации што општините ги организираат по разни поводи, како одбележување празници (Нова година) или нешто што е специфично за таа општина (храна, пијалак, традиција и сл.), ги чинат граѓаните повеќе од 1 милион евра секоја година“, се наведува во истражувањето на ЦГК.
Инаку тие се пари што општините ги плаќаат од своите буџети и во сумата не влегуваат парите што за оваа намена се платени преку донации, најчесто од фирми и поединци.
Извор: Радио Слободна Европа