ОК ВМРО-ДПМНЕ Берово, денес на својата фејсбук страница, излезе со соопштение каде што го прашуваат градоначалникот Звонко Пекевски, дали се се среќавал со бугарскиот контроверзен бизнисмен Милен Врабевски, дали тие средби биле организирани од страна на неговиот делчевски колега Горан Трајковски и дали како што прашуваат од партијата на ови средби се давани пари за неговата кампања во 2021 година. Исто така од паријата прашуваат, дали ќе се случи отворање на бугарски клуб во Берово, спонзориран од Милен Врабевски?
Еве го во целост соопштението на ОК ВМРО-ДПМНЕ Берово:
-Тоа што населението во Берово и околината не го знае, не значи дека треба да остане необелоденето. Дури си игра „градски татко“, а почесто „меѓуградски поштар“, нашиот Градоначалник Пекевски во позадина крои многу интересни планови, кои почнаа неодамна оваа година јавно, а приватно малку поодамна.
Општинскиот Комитет на ВМРО ДПМНЕ Берово јавно го прашува Градоначалникот на Општина Берово Звонко Пекевски дали, кога и каде се среќавал со бугарскиот контроверзен бизнисмен Милен Врабевски и дали тие средби биле организирани од страна на неговиот делчевски колега Горан Трајковски?
Дали на тие средби се давани пари за неговата кампања во 2021 година за локалните избори, а воедно и дали се давани „црни“ пари од страна на Врабевски да се финансира Општинскиот Фудбалски Клуб Малеш Берово?
Дали и зошто се исплаќани пари на рака на играчите на ОФК Малеш и од каде се тие средства во вид на премии кои им се давани на рака?
Доколку не знаете, да потенцираме дека Врабевски е главниот финансиер на бугарските клубови во Битола и Охрид. Во кабинетот на Стево Пендаровски лани на 27 август имало средба со бугарскиот бизнсимен Милен Врабевски. Бугарскиот тајкун Милен Врабевски, освен што е главен финансиер на фашистичките клубови , беше еден од главните гости во владата на Заев. Дезертерот Ковачевски ја продолжи традицијата како послушник на Заев, па продолжи со тоа што овозможи да се отворат фашистичките клубови без да спречи и да превземе нешто против истото.
Дали на тие средби на кои присуствувале Пекевски, Трајковски и Врабевски, за возврат на парите е договорено отворање на бугарски клуб во Берово? Затоа што таргетот на Врабевски е 20 бугарски клубови во Македонија, чие отворање е целта за промена на „свеста на Македонците“, затоа што според него Македонија е територија украдена од Бугарија, а Македонците се со испрани мозоци од југословенскиот модел.
Јавно го прашуваме Градоначалникот кога ќе се случи отворањето на бугарски клуб во Берово, спонзориран од Милен Врабевски? Кога да очекуваме Пекевски да ни ги просветли „испраните мозоци“? – се вели во соопштението на ОК ВМРО-ДПМНЕ Берово.
Извор: ВМРО-ДПМНЕ-ОК Берово (Официјална страна) на фејсбук