Во очекување на одлуките на Владата за укинување на условите за влез во државата, на граничниот премин Блаце, денес без проток на патници. И оние кои дојдоа и сакаа на кратко да заминат до Косово, откако им беа соопштени условите, се предомислија и се вратија назад.
Според досегашните правила, за влез во државата на македонските државјани им е потребен негативен ПСР тест, не постар од 72 часа, самозиолација или пак задолжителен државен карантин доколку не приложат тест. Странските државјани пак може само да транзитираат низ земјата, и од еден до друг граничен премин им се дозволени само 5 часа .
Нуа Бајрами сепак одлучи денес да замине за Косово, по својата пензија, која повеќе од три месеци не можел да ја подигне. Замина пеш по дождот, откако уредно се му беше објаснето од полициските службеници дека ќе треба по враќањето да остане во карантин .
Некои пак се поздравија со најблиските и заминаа на гости кај роднини, велат ќе останат таму додека не се ослободат условите за повторен влез во земјата. Полициските службеници информираат дека ова е секојдневна слика, голем број на граѓани поминуваат пеш и потоа се прифатени од роднини од другата страна на границата.
Оттаму информираат дека во земјата најчесто влегуваат странски државјани кои транзитираат низ земјата, и очекуваат дека со укинувањето на условите ќе се зголеми протокот на патници.
Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи на неговиот Фејсбук профил напиша дека е време да се отвораат границите без никакви ограничувања. Предлогот на Кризниот штаб за целосно отворање на границите без сегашните услови, односно задолжителен ПСР тест и самоизолација е на маса пред Владата на денешната седница , по што ќе се донесе соодветна одлука.
Според Министерот за здравство Венко Филипче одлуката ќе биде донесена во координација со околните земји во согласност со едпидемиолошката состојба. Тој сепак повтори дека животот мора да се врати во нормала но и дека мерките за заштита ќе треба уште долго да се применуваат.
Извор:24.мк