Многу луѓе собра Малешевската вечер, која викендот се одржа во германскиот град Офенбург. Наши Беровчани, Малешевци и Македонци од повеќе градови во Германија, соседна Швајцарија и уште од неколку европски држави, за прв пат сите заедно имаа можност да се дружат и видат, да прослават и да се потсетат на убавите времиња со звуците на малешевските песни.
За забавата беа задолжени беровската група „Трио бенд Берово“ со виртуозот на саксофон Мирсат, во придружба со прекрасниот вокал Миленце, кои со нивната изведба ја направија вечерната малешевска веселба за паметење.
Организаторите меѓу кои и нашиот беровчанец Јунус Дестановски, кој долги години живее во Германија, задоволни од прекрасна малешевска дружба, истакна дека целта на оваа вечер е богата беровска култура да се пренесе на овие простори, во една заедничка дружба која ќе биде пример за сите Македноци во Германија.
-Многу малешевци и македонци не има во овој крај на Германија. Малешевци сме познати по музиката и ората, а сето тоа ни фали овде, па затоа одлучивме за прв пат да организираме малешевска вечер, која верувам дека не собра сите заедно на едно музичко уживање и секако на едно заедничко видување и забава. Со ова сакаме да им ја пренесеме нашата малешевска култура најпрвин на нашите деца и да им покажеме дека сме горди Малешевци и Македонци, а и на германското општество да ја пренесеме богатата малешевска традиција која ја имаме. Ова го организираме за прв пат, што ми преставува големо задоволсто иако каоацитетот на просторот беше ограничен, за наредната година ветуваме поголема ваква средба која сакаме да остане традиционална – рече Дестановски.
Градот Офенбург во јужниот предел Баден Вутемберг, е место каде живеат многу Малешевци уште многу одамна. Многу често на прошетките низ грдот може да се слушне македонскиот јазик и малешевскиот дијалект. Секоја година овде бројот на нашинци се зголемува, а градот Офенбург кој е во близина на француската и границата со Швајцарија, ги примами нашите иселеници и од овие делови да присуствуваат на Малешевската вечер.
-Уште кога слушнавме дека се организира ваква вечер, без размислување се собравме и отидовме. Убаво е да ги видиш ови лица, со кои долги години немавме можност да се видиме и да се присетиме на спомените и дружбите во Берово. Особено сме задоволни од музиката, која носталгично на сите ни фали. Кога го слушнеш малешевското оро, Ратевка и секоја наша песна, не можеш да останеш смирен, мора да заиграш како ние што знаеме – велат нашинци кои живеат во Швајцарија.
Наши Малешевци допатуваа и од Шведска специјално за оваа вечер.
-Живеам во Шведска со моето семејство веќе одреден период, а моите другари се овде во Офенбург. Секојдневно комуницираме, а нашето видување е еднаш во годината. Тоа беше одлична можност да отидам и да се видам со сите, да испиеме по една малешевска ракија, да пробаме беровско сирње и се друго и да се изнаслушаме на малешевска музика, која многу ни фали. Ја поздравувам ваквата иницијатива со желба ова наше видување да прерасне во уште поголем собир, каде сите ќе го славиме животот – рече Срѓан Сулимановски.
Во склоп на Малешевската вечер, имаше и лотарија, а по иницијатива на порталот Малеш Нет, вечерта беше и со донаторски карактер, каде нашите иселеници собраа одреден број парични средства кои ќе бидат донирани на децата во домот без родители и децата со телесна попреченост во дневниот центар во Берово.
Исто така организаторите се заблагодарија на поддршката од помагателите кои придонесоаа за овој настан: Eckstein, La Palma, а посебно признание доби и проталот Малеш Нет за медиумската покриеност на настанот.
Изведбата на Малешевското оро беше неизбежен дел од оваа вечер. Звукот на малешевската песна и традиција ечеше во германскиот град Офенбург, додека присутните гости задоволни си ветија дека ваквите средби ќе прераснат во едно големо случување, кое е добредојдено за сите со порака дека каде и да бидат, Берово, Малешевијата и Македонија секогаш ќе бидат во нивните животи.
Во продолжение видео сегменти од настанот: