КОЛУМНА НА ТАЊА АЖДАЈА: АНАРХИМЕДОВ ЗАКОН

КОЛУМНА НА ТАЊА АЖДАЈА: АНАРХИМЕДОВ ЗАКОН
август 19 16:16 2022

Кога еден менталитет е обележан од премисата “да му умре козата на комшијата”, тоа укажува на менталитет кој чувството за сопствената добробит го црпе од чувството за туѓата несреќа. Нагласувам: ЧУВСТВОТО за сопствената добробит, не имањето суштинска добробит.

Таков менталитет не е само ознака за целокупноста на својствата на еден народ – тоа е карактеристика која се вградува во сите пори од животот на единките кои се дел од тој народ. Се огледува во потребата да го омаловажиш другиот за да се претставиш како подобар, наместо суштински да бидеш добар; да го саботираш другиот за да се претставиш себе како поконструктивен, наместо суштински да создадеш нешто; да се надеваш дека лошото кое ќе го задеси другиот ќе биде твојата отскочна даска, наместо суштински да ги поседуваш квалитетите потребни да отскокнеш.

Таквиот менталитет придонесува за доживување на светот како целина составена од себе + остатокот од светот, при што остатокот на светот е тука само додека му служи на себето, а светот е тука само додека постои себето. Таквата внатрешна поделеност на личноста не може да создаде друга група или општество кое е обединето, освен ако не го присвои ко свое. Па така, имаме директори кои фирмите ги доживуваат како своја сопственост, заедно со вработените во нив, политички лидери кои партиите ги доживуваат ко своја сопственост, сосе нивното членство, како и претседатели и премиери кои државата ја доживуваат ко своја сопственост, сосе народот во нив. Ете ти, пак стигнав до култура-диктатура, иако тоа не ми беше целта. Како што и “да му умре козата на комшијата”-менталитетот нема намера да стигне до култура-диктатура.

Квалитетот на намерата која ја негуваме е она што ќе порасне во менталитет на целиот народ. Додека не почнеме да им сакаме добро на другите и кога нам не ни е, и да помагаме да им биде добро и кога нам не ни е, додека не почнеме да се гледаме како дел од едно цело заедно со другите, до тогаш ќе живееме во надежта дека лошото на другиот ќе го храни нашето “добро”, ќе бираме меѓу две зла, и ќе култивираме диктатори кои ќе ја тонат државата додека не им исплива корумпираноста на површина. Оти и во политиката важи Архимедовиот закон – колку ќе ја потонеш државата, толку политички гомненици ќе истиснеш. Ама за атер на Архимед чија намера била благородна, нека биде овој Анархимедов закон.

Пишува: Тања Аждаја

  Категории: