Парична казна од 500 евра побара Основното јавно обвинителство од Берово за едно лице кое не ја почитувало забраната за движење од 21 до 5 часот.
Како што соопштија од Обвинителството, лицето во раните утрински часови со автомобил го напуштил својот дом во Берово.
-Притоа се упатил по регионалниот пат Берово-Клепало во насока кон Беровско Езеро, по што враќајќи се назад во насока кон градот Берово кај местото Епрев Дол, било запрено од полициска патрола, се вели во соппштението.
Инаку од полициската станица во Берово истакнаа дека нема никој да го толерираат и упатија уште еднаш апел до граѓаните строго да ја почитуваат одлуката на Владата за забрана на движењето од 21.00 до 05.00 часот секој ден, како и дисциплинирано да се придржуваат до сите останати препорачани мерки и насоки во врска со спречувањето на ширењето на коронавирусот (COVID-19), а сите правни и физички лица строго да се придржуваат до насоките на полициските службеници. Граѓаните, на бесплатниот телефонски број 08 0000 201 или на 192, можат да ги пријавуваат сите случаи на лица кои ги прекршуваат одредбите за задолжителна 14-дневна самоизолација. Сите оние кои ги прекршуваат дадените препораки, ќе бидат санкционирани согласно член 205 и 206 од Кривичниот законик.
Во моментот според д-р специјалист епидемолог Сузана Каракашова, во домашна изолација во Општина Берово се 75 лица и 13 во Општина Пехчево и засега, кај ниту едно од лицата не се појавиле симптоми на актуелниот корона вирус.