Домот за стари лица др.,,Иван Влашки” во Берово, доби сопствена кујна

Домот за стари лица др.,,Иван Влашки” во Берово, доби сопствена кујна
јуни 19 14:39 2023

Корисниците на услугите во Домот за стари лица ,,Д-р Иван Влашки” во Берово,  добија сопствена кујна, која денеска, ја отвори Министерката за труд и социјална политика Јована Тренчевска, која е во работна посета на Општина Берово.

Оособено радува фактот, што општинската јавна установа за социјална заштита на стари лица др. Иван Влашки” во Берово, од своето отварање, до денес, постојано бележи проширување на капацитетите и унапредување на услугите кои ги нуди.

-Завршена е изградбата и комплетно в опремен објектот кујна во Домот за стари лица во Берово. Објектот е изграден со сопствени средства и со средства од општинскиот буџет, во вкупен износ од околу 10.000.000,00 денари и истиот ќе понуди нова услуга за корисниците.

Сметаме дека преку обезбедување на сопствен оброк за корисниците, во Домот за стари лица, ќе се подобрат услугите во установата, корисниците ќе бидат уште повеќе задоволни, а воедно ќе се овозможат дополнителни работни места. Се надевам и на дополнителни социјални услуги, во иднина, кои се разбира се во согласност со Законот за социјална заштита.

Во својата изјава министерката истакна дека Општина Берово, е една од општините со кои како Министерство, имаат одлична соработка, за што потврдуваат досегашните реализирани проекти, потенцирајки дека за поздрав е секоја нова иницијатива, од која директна придобивка имаат граѓаните.

-Како Влада и надлежно Министерство, во континуитет работиме на унапредување на квалитетот на живот на старите лица. Како особено значајна, сакам да ја истакнам соработката со локалната заедница, затоа што секоја општина, најдобро ги познава потребите на своите жители.Денеска официјално ја отвораме кујната на Домот за стари лица д-р Иван Влашки во Берово, со која овој дом добива една целина и претставува капацитет согласно сите стандарди кои се потребни за ваква намена. За реализација на оваа инвестиција, учествуваа Општина Берово и Домот за стари лица д-р Иван Влашки”, рече Тренчевска.

Министерството за труд и социјална политика, како што додаде во моментов, инвестира во градежните работи за реконструкција и адаптација на деловен објект број 4, во ЈОУ “Дом за стари лица д-р Иван Влашки”. Инвестицијата тежи 11.043.900,00 денари, а целта како што додаде Тренчевска е да се зголеми капацитетот на домот за 14 соби, односно 28 лица, со што моменталниот капацитет во домот од 39 легла, се зголемува на 67.

-Исто така во 2021 година, Министерството финансираше, набавка, испорака и монтажа на опрема на новиот дел од домот, во вредност од 1.328.491,00 денари кој е со капацитет за 10 лица. Воедно, Ве известувам дека истовремено се работи заедно со општина Пробиштип и со општина Кавадарци на проектната документација за изградба на нови домови за стари лица. Вработените од Министерството се во постојана координација и комуникација со овие општини во врска со проектите. Ова е и можност уште еднаш да ги повикам општините да аплицираат со идејни проекти во Министерството за труд и социјална политика во согласно со потребите во нивните заедници, додаде Тренчевска.

Како Министерство, рече дека ќе продолжат со грижата за старите лица, обезбедувајќи домови за стари лица како капацитети, но и услуги од социјалната заштита, за оние кои сакаат да останат да живеат во своите домови, останувајки на девизата дека ниту еден граѓанин не смее и нема да биде изоставен.

Раководителката на беровската установата Живка Бојчовска Каламдевска, рече дека установата континиуирано се унапредува, со цел за подобрување на квалитетот на услугите, потенцирајки дека со цел проширување на капацитетите досега реконструирани се неколку објекти. Новата кујна според неа е од големо значење за самите корисници и за установата каде отсега ќе има можност храната да се приготвува и да се прилагодува според потребите на корисниците и каде што може да се подобри нивното здравје и да се спречат и контролираат нивните здравствени состојби.

-Во 2019 година се прошири капацитетот за 14 легла, во 2021 година се прошири за уште 10 легла, во 2023 година започна реконструкција на објект 4 ламела со што во иднина ке се зголеми капацитетот за уште 28 легла, и сега во 2023 година, домот добива сопствена кујна, каде што храната ќе се приготвува во самата установа која што досега беше преку кетеринг услуга. Установата секогаш се стреми да ги слушне потребите и барањата на корисниците и да ги подобри нивните услови за живот.

Старите лица имаат потреба од храна која обезбедува доволно, енергија која што им е потребна на корисниците за да можат активно да се вклучат во секојдневните активности и задачи, додаде Бојчовска Каламадевска заблагодарувајки се на сите инволвирани кои помогнаа оваа активност да се реализира.

Домот за стари лица во Берово, е единствената установа од ваков тип во источниот регион и побарувачка за услугите од оваа установа е голема а унапредувањето на услугите во установата, е од големо значење за населението од Берово и од целиот источен регион

Во установата, исто така, во тек се активности за реконструкција на четвртата ламела, со што приоритетите на Општината, се континуирано унапредување на услугите кои се нудат и  зголемување на капацитетите за корисниците.

  Категории: