ГРАЃАНИТЕ НА ДЕЛЧЕВО ДОНИРААТ ЗА ЗБРАТИМЕНАТА УКРАИНСКА ОПШТИНА ТЕРНОПИЛ

ГРАЃАНИТЕ НА ДЕЛЧЕВО ДОНИРААТ ЗА ЗБРАТИМЕНАТА УКРАИНСКА ОПШТИНА ТЕРНОПИЛ
март 02 16:45 2022
Во фоајето од Спомен-домот АСНОМ денеска беше отворен собирниот пункт, каде ќе се собира хуманитарната помош наменета за граѓаните на Украина. На првиот ден од отворањето на пунктот, граѓаните донираа бебешки пелени и бебешка храна, средства за хигиена и храна, а според најавите од фирмите, се очекуваат донации и во лекови, санитетски материјали, облека и други потребни средства за граѓаните во областите каде што оружјето го победува разумот.

-Акцијата е во организација на Општина Делчево и е следствена реакција на актуелната хуманитарна катастрофа во Украина и страдањето на граѓаните на оваа земја од воените дејства, но и одговор на апелот испратен до Општина Делчево од пријателската Општина Тернопил од Украина. Во оваа прилика апелираме до граѓаните и фирмите кои и многу пати досега ја покажале својата хуманост, да донираат согласно со можностите, бидејќи не можеме да останеме глуви и неми на барањето помош. Човечки е да се помогне на пријатели кои се зафатени од воени дeјства, кои губат домови, каде секојдневно се бројат жртви, истакна Даниела Такева, советник за односи со јавноста во Општина Делчево.

Јасмина Ќурчиска, претседател на Комисијата за еднакви можности апелираше осмомартовските подароци да се заменат со донации кои ќе значат многу на жените и децата во Украина.

Инаку, во апелот за помош од Тернопил доставен до Општина Делчево се бара облека, храна, бебешка облека, пелени, се бара и медицинска опрема и лекови, подвижни кревети, носилки, како и генератори, пумпи и сл.

Во хуманитарната акција се вклучени членови на Советот на млади во Општина Делчево. Собирниот пункт ќе биде отворен секој ден од 10 ч до 16.ч до недела по што ќе се организира транспорт на собраната донација до Амбасадата на Украина во Скопје.
  Категории: