Матичната библиотека „Кочо Рацин“ во Пехчево, која е препознатлива во големиот број активности, со доделување на дипломи и книги, ја заврши манифестацијата ,,Месец на книгата ’’.
По тој повод библиотеката во соработка со ООУ„Ванчо Китанов“ и наставникот по македонски јазик Ванчо Сивевски распишаа литературен конкурс на тема:
„Влијанието на книгата врз учениците“ и „Омилен лик од прочитана книга“, за учениците од осмо и деветто одделение и беа наградени следните ученици: Првото место го делеа Бојана Ѓузелова и Ана-Марија Крчева, второто место им припадна на Никола и Ненад Михаиловии и Јана Тодоровска и трето место освоија ученичките Викторија Чабуковска и Ефимија Димитковска.
Директорката Габриела Костадинова ги поздрави присутните и им посака пријатни мигови истакнувајќи го значењето на книгата и нејзиното влијание врз човекот и придобивките од читањето,а напреви и ретроспектива на активностите кои ги спроеведуваа по повод месецот на книгата.
-Месецот на книгата го започнавме на 15 Октомври во Едукативниот центар за зачувување на природата со креативна работилница на ликовни и литературни творби на тема „Книга со учениците од трета и четврта година средно образование“, во посета на библиотеката беа учениците од прво одделение со наставничката Павлинка Цикарска, кои имаа за цел да ги пронајдат овошјата и да ги обојат со боја која одговара на даденото овошје. Костадинова им поставуваше гатанки за секое овошје, на кои децата даваа точен одговор. Во соработка со Детската градинка „7 Септември“ во Едукативниот центар се одржа интерактивна настава со дечињата на возраст од 3-4 години на тема „Есента пристигна“, додека целта беше емоционално да ја доживеат содржината на расказот „Жолтата приказна“, а воедно и да ја развијат способноста за карактеристиките на годишното време есен. Потоа во соработка со ОЖП во месец октомври се одржа уште една работилница на тема „Ткаење со дрвен разбој- предизвик на младите од Пехчево“ со изложба на рачни ракотворби со мотив од Негрево,Црник, Пехчево и Радовиш. Презентери беа Димитар Симовски и Фимка Ковчегарска, етнолог од Берово.
На настанот присуствуваше и градоначалникот на општина Пехчево, Александар Китански кој истакна дека со учење и читање го правиме животот полесен, а за децата и повозрасните најави многу проекти во воспитно образовните установи.
-Октомври е месец на книгата, кога се трудиме да го поттикнеме читањето. Читањето ви ги отвара вратите и ви го прави животот полесен, така што не е важно што читате, колку повеќе читате, толку подобро ќе се чувствувате. Читањето книга ви помага во намалување на стресот и ве расположува. Тоа значи кога читате, вашиот ум е на сосема друго место, па макар за момент ќе заборавите на вашите грижи, истакна градоначалникот Китански.
Тој додаде дека Месец на книгата е само еден од многуте проекти што го поттикнуваат и стимулираат читањето. Локалната самоуправа не само кога е месец на книгата, туку преку многу проекти, ќе го промовираме читањето и моќта на книгата меѓу најмладите, додава Китански.
Настанот заврши со доделување скромни подароци на учениците и посетителите.