Верниците муслимани од Берово, вечерва ја одбележаа ноќта на судбината и простувањето

Верниците муслимани од Берово, вечерва ја одбележаа ноќта на судбината и простувањето
февруари 24 22:17 2024

Во присуство на поголем број верници муслимани од Берово, вечерва во џамијата „Мехмет Бег“ се одбележа ноќта на Берат. Во исламскиот свет ова е значајна ноќ, кога Алах џ.ш. врши детерминирање (предодредување) на судбините на луѓето.

Верниците муслимани ја одбележаа ноќта со вечерен намаз, после кој беше организирана специјална програма и предавање од беровскиот имам Тахир Еф. Дестанов, кој нагласи дека токму во оваа вечер се отвараат Божјите врати на милоста и опростувањето.

-Браќа и сестри, да побараме простување, за нашите гревови и да го продолжиме животот онака како Аллах (џ.ш.) сака да не види, и онака како ние сакаме да бидеме среќни и спокојни на овој и на другиот свет. Да побараме прошка на оваа светла вечер за нас муслиманите, за нашите лични, тајни и јавни гревови и милоста на Аллах џ.ш да допре до нашите срца и да не нaправи подобри луѓе, како што биле нашите предци. Молитвите оваа ноќ и покорноста кон возвишениот Аллах џ.ш, се наша должност, со која сме созададени да му се поклонуваме на нашиот створител, кој за целото човештво оваа вечер ги отвара вратите на милоста, простувањето и ја одредува нашата судбина – истакна имамот Дестанов.

Според исламското верување, Лејлетул Берат значи духовно исчистување и обновување, божествено простување. Лејлетул Берат се одбележува секој 15 ден на месецот Шабан. Исто така оваа вечер преставува радост за муслиманските верници во целиот свет, бидејќи е предвесник на светиот месец Рамазан.

  Категории: