Основниот суд во Берово повторно остана без судии, па Судскиот совет, на утрешната седница ќе бара начин од кој суд да делегира судија и кого да стави за в.д. претседател, бидејќи на крајниот исток на земјава нема ниту кандидати од кои може да се избере судија, ниту некој судија од околните судови сака да биде делегиран и да суди во беровскиот суд.
Проблемот настанал кога штипската судијка Емилија Буриќ (Прошева) која беше избрана за претседател на крајот на 2015 година, далеку пред истекот на мандатот поднела оставка и бара да биде разрешена и од претседател на судот во Берово и од судија во штипскиот суд.
Буриќ навела дека бара да ја разрешат од лични причини, на сопствено барање, а Сведок дознава дека судијката Буриќ се омажила и заминала да живее во Канада и поради тоа бара да биде разрешена и од судија. Таа, според истите информации уште во мај ја напуштила позицијата, а со судот раководела заменичката. Судскиот совет на седница закажана за утре, 30 август, како точки на дневниот ред ги ставил барањето на судијката Емилија Буриќ за констатирање на оставката од позицијата Претседател на Основен суд Берово и судија на Основниот суд Штип.
Основниот суд во Берово повеќе од 4 години постојано се соочува со немање на судии, откако отидоа во пензија Голубинка Козоловска и Данка Бубевска, а избор не беше извршен на нови судии. Од тогаш, постојано се префрлаа судии од Делчево и Струмица, а пред повеќе од три години во Берово беше префрлена и Емилија Буриќ од штипскиот суд. по неколку месеци таа беше избрана за претседател, а во беровскиот суд има само уште двајца судии, и еден кој се префрлаа од струмичкиот суд.
Но, проблем е што од струмичкиот суд судиите не сакаат да патуваат во Берово бидејќи немало директна линија, па тиа морале да одат до штип, а од таму за Берово, патување кое трае неколку часа.
Но, покрај нивното противење, како и несогласувањето на претседтелката на струмичкиот суд Марина Грчева Абрашева, Судскиот совет на сила, против нивна согласност реше да делегира судија од Струмица, кој ќе ги суди кривичните и прекршочните предмети, а двајцата други судии, работат на граѓанска материја.
Пред една година, за период од 6 месеци, без негова согласност во Берово беше испратен струмичкиот судија Емил Глигоров. Во Судски совет оцениле дека во Берово фали судија кривичар, а Струмица е најблиски и има 16 судии, па ќе земат од таму.
Но, ниту еден струмички судија не дал согласност да биде префрлен на работа во Берово, па Судскиот совет реши насила и против нивна воља да делегира друг, со тоа што ќе ги ротира на 6 месеци, а не до 1 година како што правеа во другите судови.
Виолета Богојеска, член на Судскиот совет на една од седниците објасни дека принципот на делегирање на судиите е како „Лотарија на Македонија“:
-Оценивме дека треба судија кривичар во Берово. Во Струмица во тој оддел има 7 судии, од кои тројца се мажи. Решивме да е маж, а како најмлад го испративме Глигоров. Сега, по тој принцип треба да оди Борис Бержетски кој има 57 години, а следен по него е Илија Стојанов со 61 година- објасни Богојевска, не споменувајќи зошто жените судии не треба да се делегираат, дали поради тешкото искачување на брдото околу Беровските лаки или поради карактерот на работата и менталитетот на беровчани.
Според решението на Судскиот совет, Бержетски ќе биде в Струмица уште оваа недела, а од 1 ви септември ќе биде Илија Стојанов.
Двајцата судии кои се сега во Берово, Ангел Пехчевски и Ленка Симевска се пред пензија, па од наредната година, ако не бидат избрани млади судии во овој суд, на беровскиот суд му се заканува клуч на врата.
Целиот источен крај кој што е под Апелација Штип кубури со судии и со делегирање се пополнуваат местата во судовите во Берово, Делчево, Виница и Свети Николе. Значителен, но не и доволен број судии имаат само судовите во Штип, Струмица и Кочани, а пред колапс е и суддот во Радовиш.
Претседателот на судскиот совет Зоран Караџоски вели дека ја разбира струмичката претседателка што не дава судии, бидејќи сака да го менаџира судот со сите кадри, но сепак еден судија ќе оди во Берово.
Судскиот совет се повикува и на друг член од законот, кој правно може да се оспорува, а кој предвидува дека судија може да се упати времено и без негова согласност, а ко тоа е неопходно за функционирање на судот?!
Но, прашањето е за кој суд? Каква е обврската на судиите од Струмица избрани за тоа подрачје со лошата ситуација во Берово или Делчево, што е обврска на државата. Судијата што е упатен во Берово без негова согласност има право на приговор до Судскиот совет.
Членот на Судскиот совет Селим Адеми не се согласува со ваквите распоредувања.
-Барам да се направи детална анализа, да се види дали е неопходно да се делегираат судии. Во законот пишува најмногу до една година, а ние носиме решенија секоја година и има судии кои со години работат во други судови, па заборавивме кој им е матичен суд- вели Адеми.
Тој побара, а Советот прифати да се направи таква анализа, посебно што и претседателите на матичните судови побарале да се вратат назад нивните судии и не дале таква согласност.
Извор: svedok.org.mk