Учениците повторно се враќаат во училишните клупи. По една година онлајн настава за дел од учениците, Главниот кризен штаб денеска оцени дека конечно се создадени нормални услови почетокот на школската година да започне со физичко присуство. Конечната одлука за начинот на кој ќе започне новата учебна година се очекува да биде донесена утре на владина седница.
„Во насока на започнување на новата учебна година се и протоколите за заштита од Ковид-19, за настава со физичко присуство, кои се изработени од страна на МОН и веќе усвоени од Комисијата за заштита од заразни болести, а се однесуваат на носење маски и редовно проветрување на просториите каде се одржува наставата“ – посочуваат од МОН.
Меѓу протколите за почеток за учебната година, освен носење маски и проветрување на училниците, ќе се мери температура на влезот на училиштето и доколку некој ученик има повисока температура од 37.4 степени, не се дозволува влез во училиштето. Се забрануваат и сите видови физички контакти за поздравување меѓу вработените во училиштето и меѓу учениците.
Ситуацијата во градинките пак засега останува иста. Зависно од епидемиолошката состојба ќе се преземаат мерки за намалување или за евентуално зголемување на бројот на деца кои ќе бидат згрижени во градинките – најави министерката за труд и социјална политика, Јагода Шахпаска.
„Во јаслените групи до две години бројот на дечиња е 15, а на групите од две до шест години изнесува 20. Согласно епидемиолошката состојба, така и ќе ги креираме протоколите, односно ќе преземаме мерки за намалување или за евентуално опуштање на бројките. Заради годишните одмори само околу 8 300 дечиња се присутни во градинките, а протоколот дозволува сместување на 25.600 дечиња“ – вели таа.
Според последните податоци од МЗ бројот на вакцинирани вработени во скопските градинки изнесува над 65%, додека пак бројот на вакцинирани наставници и училишен кадар е над 60%. Главниот кризен штаб оцени дека причина за започнување на учебната година со физичко присуство е токму големиот број вакцинирани вработени.
Извор: Тв 24