Од денеска до недела времето ќе биде многу топло со натпросечни температури за овој период од годината и ќе биде активирано портокалово ниво на опасност од високи температури. Како што велат од Управата за хидрометеоролошки работи температурата ќе го надминува 40-тиот степен.
Поради високите температури и портокалова фаза во која е земјава од денеска важат препораките на Министерството за здравство за намалување на ризиците од високите температури за лицата кои се наоѓаат на отворен простор, дома, на своите работни места, покрај езерата, реките и базените или на планините.
-Ослободување од работните обврски на најранливите групи на населението, како што се бремените жени и лицата на возраст над 60 години.
-Во градинките да не практикуваат физичка активност и да не ги изнесуваат децата на отворено во периодот од 11 до 17 часот.
-Единиците на локалната самоуправа, Црвениот крст на Република Северна Македонија и Центрите за социјални работи во регионите зафатени со топлотниот бран да имаат поактивен пристап и да пружат помош на осамени стари изнемоштени лица и бездомници.
-Со оглед на фактот дека одредени ризични производни и технолошки процеси може да претставуваат дополнителен ризик по здравјето на изложените работници, се потсетуваат работодавците на обврската за почитување на законските прописи од оваа област.
Владата одлучи државните органи и јавните претпријатија и установи, да ги почитуваат препораките, а во исто време, препорачува на приватниот сектор да го организира работното време со цел за заштита од директна сончева изложеност на работниците, избегнување престој на отворено во периодот од 11 до 17 часот.