Туристичката сезона почна. Но, годинава домашниот туризам има шанса да се покаже како никогаш досега. Границите на европските земји остануваат затворени за Македонците. Затоа пак, домашните туристички центри се подготвени за гости.
Ретко кој сега размислува за тоа дали и каде ќе летува, особено откако стана јасно дека за македонските граѓани остануваат затворени границите на земјите од ЕУ. Па така, оние кои ќе се одлучат да летуваат, тоа ќе може да го направат на домашен терен, односно во нашите Охрид, Дојран, Струга, Преспа, Берово…
Кристијан Стефковски е млад 20 годишен човек, моментално невработен. Вели дека затворените граници не промениле многу во неговите планови за годинешниот летен одмор, зошто одморот планирал да го помине во Охрид. Цветковски вели дека би го одбрал приватното сместување пред хотелско, оти и според него цените во хотелите се повисоки од оние во приватното сместување.
„Повеќе поволности има кај приватното сместување, се договараш односно се пазариш за подобра цена. Кај хотелите не е тоа случај. Претеруваат со цените и тоа е проблемот. Јас мислам дека има Македонија многу што да понуди, убава држава е, но потребно е самата држава да се посвети на промоција на туризмот“, вели Стефковски.
Сличен став има и младиот Марко Петковски од Скопје. Според него Македонија има со што да се пофали, а меѓу другото и со планински туризам.
„Јас би летувал на планина. Посебно истокот, Берово. Не сум бил на планина, па би сакал да го посетам тој дел. Иако мислам дека цените за нашиот стандард во сместувачките ресорти се доста високи“, вели Петковски.
За туристичките центри во Охридско-струшкиот регион сезоната вообичаено почнуваше во средината на април па до октомври со акцент на странски туристи. Сезоната за домашните туристи вообичаено почнува од 10-ти јули.
„Во моментот нема некакви големи резервации. Некои се јавуваат, прашуваат, но ништо конкретно. Се работи на пакети за повеќе дена поевтина цена, а факт е дека цените се спуштени, не само кај нас, насекаде. Во Охрид ќе бидат исто така пониски цените. Генерално очекуваме домашни туристи, бидејќи странците ги откажаа своите резервации од порано,“ вели Крсте Блажевски, сопственик на хотел Дрим од Струга и прв човек на Асоцијацијата на хотелиери во Македонија (ХОТАМ).
„Очекуваме сезоната да биде добра и полна со македонски туристи. Ова е невообичаено бидејќи претходните години повеќе транзитираа странски туристи. Сега за сега има добар интерес, се јавуваат македонски агенции, домашни туристи директно си резервираат термини во нашиот хотел. Очекуваме од 15 јули да работиме со полн капацитет, досега интерес има само за викенди“, вели Андреј Туџаров, менаџер на хотел „Романтик Плаза“ во Дојран.
И од хотелот „Полин“-Стар Дојран со исти очекувања.
„Се уште немаме странски гости, но од Македонија има заинтересирани. Се јавуваат луѓе, прашуваат, резервираат. Интерес има за ваучерскиот туризам, аплициравме и ние за тој вид помош, така што очекуваме да се наполнат капацитетите“, велат од хотел „Полин“ во Стар Дојран.
Доколку се одлучите летово да го посетите Дојран, цените во хотелите се движат од 1000 денари за ноќевање, 1500 денари ноќевање со појадок па се до 3000 денари за ноќевање со појадок. Исто така се нудат и пакет аранжмани кои опфаќаат неколку денови, а цената се пресметува со попуст до 20 проценти.
Според податоците од Агенцијата за промоција и поддршка на туризмот, Во периодот јануари ‒ април 2020 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на туристите е намален за 47.9 %, и тоа: кај домашните туристи има намалување за 43.0 %, а кај странските има намалување за 50.3 %. Во периодот јануари ‒ април 2020 година, во однос на истиот период од претходната година, бројот на ноќевањата е намален за 46.9 %, и тоа: кај домашните туристи има намалување за 41.6 %, а кај странските има намалување за 50.4 %.
Директорот на Агенцијата Љупчо Јаневски неодамна изјави дека ситуацијата во туристичкиот сектор ќе се следи постојано, па согласно состојбите на терен така ќе се менуваат и мерките и ограничувањата за работењето во секторот.
Извор:slobodnaevropa.mk