Во светата ноќ на Воскресението, во светлината на невечерниот ден на Царството, во небесното торжество на ангелите и радосното ликување на земнородните, секој збор немее да ја искаже и опише благодатта и радоста од преславното Воскресение на Спасителот. Едноставно православните храмови измината вечер станаа небо, а нивно сонце беше Благодатниот оган, донесен од Светиот Ерусалим, разгорен на ламбадите на свештенослужителите, монасите и на малкумината верници, кои за жал неможеа во поголем број да го прослават Воскресението на начин кој доликува, поради ситуацијата со вирусот и мерките кои беа изречени од Владата на Р. Македонија.
Секако, најсилниот блесок доаѓаше од сноповите свеќи со кои нашите христољубиви богослужители, ги заобиколија храмовите насекаде во нашата мила и сакана ни татковина. Со душата да Му кажеме на Христа: „Господи, нашиот живот без Тебе, без Твојата животворна светлина, без Твојата милосрдна поткрепа, без Твојата најслатка љубов што ја излеа врз светот, е ноќ, темнина, мрак. Затоа, остани со нас! Не нè напуштај!“ Оти, што е светот без Христа, освен еден огромен и најтемен мрак и нерешлив безизлез? Еве, слушаме насекаде гласови за терор, за војни; пред целиот свет, пред нашето современо општество се испречени две големи зла: првото, фундаментализмот, религискиот радикализам и агресивниот атеизам; а второто, исто така не помало зло – вирусот, кој дали намерно или ненамерно ни го наметнаа. И двете овие зла, свесно или несвесно, непосредно ја деградираат човечката личност. Меѓутоа, мили мои, ние не смееме да очајуваме, бидејќи Црквата Христова поминала многу општества во овој свет, општества кои биле сурови и преку страв и терор владееле над своите поданици. Такви биле, на пример: Римската Империја, Отоманското Царство, Советскиот Сојуз и многу други, кои, иако моќни за овој свет, не успеале да ја победат Црквата света. Доволно е само да се потсетиме дека борбата за Вистината започнала со дванаесетте апостоли и нивните следбеници, кои во текот на три века биле безмилосно убивани. Секој што во Римската Империја ќе убиел Христијанин, мислел дека на Бога му принесува слава. А, ете, Христовата вера однела сјајна победа! И тоа, замислите, вистинските Христови проповедници никогаш во своите раце не зеле оружје за со него да го проповедаат Христовото Евангелие! Напротив, испратени од нивниот Спасител како јагниња на колење, тие, имајќи ја љубовта и мудроста Негова како оружје, со мир го освојувале светот. Силата со која биле наоружани била токму таа, крстовоскресната. Гледате колку Господ нè обдари со милост, со љубов; посака да нè постави оддесно на Отца, да нè направи заедничари со Него! Во Својата првосвештеничка молитва кон Бог Отецот, пред распнувањето, Христос се помолил: Оче Свети, запази ги во Твоето име оние, што си Ми ги дал, за да бидат едно, како што сме и Ние… Но не се молам само за нив, туку и за оние, што по нивните зборови ќе поверуваат во Мене, за да бидат сите едно, како што си Ти, Оче, во Мене, и Јас во Тебе; па така и тие да бидат во Нас едно, и да поверува светот дека Ти си Ме пратил (Јован 17,11,20-21). За каква заедница и какво достоинство Бог го повикува човекот! И сè што направи: несфатливото вочовечување и раѓањето во скромна пештера; смиреното поднесување на навредите и хулењата и долготрпението во страдањата и крстот; а најпосле и славното Воскресение – го направи за да ни го даде тој огромен дар на посиновение.
Е, сега, мили мои Христијани, да се запрашаме колкава е нашата одговорност, покрај сета таа љубов Божја? Неизмерна! Бидејќи ние сме тие кои можеме да го промениме светот. Господ Исус на апостолите им рече: Да бевте од овој свет, тогаш светот ќе го љубеше своето; но бидејќи не сте од светот, туку Јас ве избрав од светот – затоа светот и ве мрази (Јован 15,19). Но, како што Ме прати Отецот, така и Јас ве праќам (Јован 20,21). Како да им рекол: „Ве праќам во светот, не за да станете исто со него, туку да го промените со љубовта Моја“. Значи, за да можеме да промениме нешто, мораме најпрво самите ние да се издигнеме над него. Повторно ќе наведувам зборови од светото Евангелие; при прошталната беседа на Христос со Своите ученици пред Распетието, Он им рекол: Станете да си одиме одовде! (Јован 14,31) Тоа во духовна смисла значи дека Христијаните треба да го издигнат својот ум над сè што е од овој свет, над сè распадливо, трулежно, минливо, за да можат да се соединат со Христа, а и меѓусебно, едни со други. Овој ден, за изминатата вечер, можеби и не треба многу да се зборува, бидејќи самата благодат од Воскресението е доволен проповедник. Но, срцето мое, сепак, чувствува потреба да ги каже овие работи. Колку ќе допрат тие до душите – не знам… Можеби и до мене самиот не допираат доволно… Но, најважно е да се покаеме искрено.Тогаш сигурно ќе се доближиме до Бога. Кога можеше разбојникот на крстот во последниот час преку покајанието да стане жител на Рајот, можеме и ние, мили мои, доколку од длабочината на нашето битие повикаме кон седобриот и себлаг Спасител, единствената надеж на овој свет: „Дојди, Христе, во моето срце! Ти се предавам, Христе мој воскреснат, Светлино моја, љубов и радост моја!
Дојди, просветли ми го срцето и направи ме светлина! Во изминатото деноноќие сите во раката држевме запалени ламбади, едни на своите дворови, други на своите балкони и трети кои имаа храброст во ,,градините” на храмовите. Нивната симболика е дека секој Христијанин треба да биде одраз на Христовата светлина. Можеби некои ќе кажат: „Тоа е невозможно, бидејќи ние сме преполни со гревови, со страсти и слабости… Да, но Господ токму за тоа и се распна. За тоа и Човек стана, пред сè; за да ги понесе нашите слабости и да ги исцели гревовните рани, полагајќи покајание за грешниците. Преку покајанието ние се очистуваме и осветуваме. Повторно ќе го наведам секогаш спомнуваниот Свети Јован Златоуст, кој вели: „Бог нема да нè суди за нашите гревови, туку за нашето непокајание“. Срцето ми играше од радост додека ѕвоната од камбаните ја објавуваа радосната вест, кога отецот ги кажа радосните зборови: Христос Воскресна! Затоа чувајте ја во себе најубавата и најсветла ноќ во годината во своите срца, ноќ во која со душите се возвишуваме до најголемите духовни височини. Накрај, ве поздравувам со зборовите со кои Свети Серафим Саровски секогаш ги поздравувал луѓето што доаѓале кај него и надвор од пасхалниот период: РАДОСТ МОЈА, РАДОСТИ МОИ МНОГУ, ХРИСТОС ВОСКРЕСНА!