Македонскиот пејач Влатко Илиевски доцна синоќа е пронајден мртов во автомобил во Скопје.
Според информациите Илиевски бил најден во мотроно возило марка „Тојота“ на Булеварот „Трета Македонска бригада“.
Од полицијата за НОВА ТВ ја потврдија информацијата и велат дека на местото е извршен увид од страна на Јавен обвинител и телото е предадено на обдукција.
Смртта на Илиевски е заведена и во официјалниот билтен на МВР
„На шести јули 2018 година околу 23 часот во Скопје, на улица „3 Мак.Бригада“, во патничко моторно возило “Тојота“ пронајден е починат В.И (33) од Скопје. Увид на лице место извршил Јавен обвинител и увидна екипа на СВР-Скопје, а по наредба на Јавен обвинител телото на починатиот е предадено за обдукција“, пишува во Дневниот билтен на МВР.
Од полицијата за сега немаат информации кои се точните причините за смртта.
Од Основното јавно обвинителство Скопје соопштија дека се работи на откривање на причините за смртта на Илиевски.
„Јавниот обвинител издаде наредба за обдукција на починатиот, како и насоки за прибирање траги пронајдени на лице место на кои ќе претстои вештачење. Возилото е запечатено и исто така е предадено на вештачење. Се преземаат сите дејствија за да се утврдат причините за смртта“, пишува во соопштението на ОЈО Скопје.
Седум часа пред да биде пронајден мртов, Илиевски на својот фејсбук профил ставил своја фотографија и напишал „шарене пилиле за лилуле“ цитирајќи дел од песна на познатиот српски пејач Бајага.
Илиевски е познат по неговите песни “Панично те сакам”, “Скопје”, “Ти си”, “Ова е Македонија”, “А ти ме убиваш” (сите со групата „Морал“) “Не те можам”, “Taка требало да биде”, “Се што сакав после тебе”, “Сите ми се криви”, “Гушни ме”, “Скитник”, “Најбогат на свет“, со која освои награда на Радискиот фестивал 2009 година. Во неговата дискографска кариера ќе останат запишани и хитовите “За љубов се пее до крај” со која освои награда на „Охрид фест“ 2009 година како и „Работнички шампионе”, „Есен“ и “Среќа” со која го освои второто место на „Скопје фест“ 2010 година.
Објавил два самостојни албуми а во 2011 година со песната „Русинка“ ја претставуваше Македонија на Изборот на песна за Евровизија во Дизелдорф, Германија.
Пет дена пред неговата смрт, на втори јули Илиевски го прослави својот 33 роденден.
Извор: novatv.mk