Младинци од Македонија меѓу кои и учесници од Берово и Пехчево учествуваа на меѓународен Ерасмус+ проект во Данска – Malesh Net

Младинци од Македонија меѓу кои и учесници од Берово и Пехчево учествуваа на меѓународен Ерасмус+ проект во Данска – Malesh Net
јуни 24 23:54 2024

Преку меѓународната младинска размена, имплементирана од Младинската мрежа Копенхаген и поддржан од програмата Еразмус плус на Европската комисија, пет учесници од Македонија беа меѓу кои и младинци од Берово и Пехчево, беа на неколкудневна работилница во градот Копенхаген во Данска.

Во рамките на проектот „Подобро заедно – од локално до глобално“ нашите млади претставници имаа можност да научат за една глобална и битна тема, поточно колку е важно да се запознаваме со предрасудите и дискриминациите кои постојат во светот. Фокусот беше ставен на едукација и подигање на свеста за овие теми преку различни активности, игри, семинари и работилници.

-Во овој проект учествувавме пет учесници од нашата држава, заедно со учесници од Јордан, Грузија, Португалија, Шпанија и Турција. Овој интернационален проект ни овозможи да размениме искуства и гледишта со луѓе од различни култури и да научиме повеќе за предизвиците со кои тие се соочуваат во своите земји.Преку лични приказни и дискусии, научивме дека предрасудите и дискриминацијата често произлегуваат од незнаење и страв од непознатото. Разбирајќи ги искуствата на нашите колеги од различни земји, заклучивме дека сите ние имаме слични стремежи, надежи и соништа. Ова искуство не само што ни помогна да ги разбиеме нашите сопствени предрасуди, туку и ни покажа колку е важно да се работи на тоа да се промени погледот кон светот.Сите сме еднакви и исти, без разлика на нашата националност, раса или пол. Ова е клучно за создавање на поинклузивно и поправедно општество. Наша обврска е да продолжиме да учиме, да се надоградуваме и да работиме на намалување на предрасудите и дискриминацијата, бидејќи само така можеме да создадеме свет во кој сите ќе имаат еднакви можности и права – истакна младата учесничка од Берово, Ефимија Радинска.

Освен тоа, сите учесници од неколкуте држави во светот, беа во посета на Обединетите нации во Копенхаген, каде што им беше одржана презентација за 17-те цели за развој.

Впечатоците на младата Ефимија од овој проект се огромни и скогаш ќе останат во сеќавање, поради научените нови работи и пријателства, личниот развој, а и убавите спомени од претставувањето на македонската традиција и култура меѓу сите учесници.

-Овој проект ќе ни остане во сеќавање, не само затоа што научивме многу нови работи, туку уште поважно, запознавме нови култури и изградивме интернационални пријателства. Затоа на сите препорачуваме да се вклучат во вакви, или слични проекти и да создадат пријателства ширум светот.Проектот во Данска ни покажа дека учењето за овие теми е неопходно за личен и колективен развој. Колку повеќе знаеме и разбираме за различностите, толку поблиску сме до свет во кој сите ќе бидат прифатени и почитувани за тоа што се – додаде младата Ефимија Радинска.

  Категории: