„БУЛЕВАР НА ЉУБОВТА“: МЛАДИ ЕНТУЗИЈАСТИ ОД БЕРОВО ОТВОРИЈА РЕСТОРАН ВО ГРАДОТ КАРЛСРУЕ ВО ГЕРМАНИЈА

„БУЛЕВАР НА ЉУБОВТА“: МЛАДИ ЕНТУЗИЈАСТИ ОД БЕРОВО ОТВОРИЈА РЕСТОРАН ВО ГРАДОТ КАРЛСРУЕ ВО ГЕРМАНИЈА
јуни 19 23:46 2024

Јована Топаловска и Глигорчо Симевски, млади ентузијасти од нашиот град Берово, пред неколку недели отворија прекрасен ресторан во Оберхаусен-Реинхаусен во близина на градот Карлсруе во Германија кој се вика “Boulevard der Liebe“ поточно “Булевар на љубовта”. Во разговор со нив тие ни ја открија идејата за ова прекрасно место, кое го уредиле по нивни вкус и обратиле важност на секој детал, кој одлично се вклопува во целиот амбиент на ресторанот, што го прави пак преубаво место за уживање со добра и свежа храна .

-Ресторанот се наоѓа во Оберхаусен-Реинхаусен во близина на Карлсруе. Ресторанот го отворивме мојот дечко Глигорчо Симевски и јас. Пред да го отвориме имавме визија и план за сѐ, дури и за секој мал детал. Почнавме со мало реновирање, да го постигнеме изгледот каков што го сакавме. Името “Boulevard der Liebe“ поточно “Булевар на љубовта” е ставено затоа што нѐ опишува нас и нашиот ресторан, вклучувајќи го изгледот, кујната, сервирањето, па дури и сервисот. Листовите за една употреба, кои ги ставаме на масите, се лично смислени од нас двајца, на кои се наоѓаат различни реченици, како на пример: “Љубовта е тајната состојка!”, “Искусете го пламенот на страста додека ви го сервираме срцето на нашата куќа!” или “Делете го вкусното јадење со вашите најблиски!”. Потоа ги направивме менитата од дрвен материјал, на кој на почетната страна ни е изгравирано логото – вели Јована.

Сопствениците на ресторанот во понудата на храна, направиле спој на класична германска храна со македонски специјалитети, додека ќебапите се приготвени по традиционален беровски начин, што преставува успешна формула на вкусови кои ги привлекуваат љубителите на добрата храна.

-Секое приготвување на јадењето е на лице место и свежо. Ние нудиме класична германска храна, шницли со различни видови на сосови, каде се подразбира и сосовите ги приготвуваваме ние, традиционален германски колбас и регионски германски специјалитети. Но, да не ја заборавиме и македонската храна. Од ќебапи, плескавица, шарска плескавица, увијачи, ражничи, може буквално сѐ да се вкуси кај нас. Кајмата за плескавиците и за ќебапите ја приготвуваме по беровски начин. Сервирањето во чиниите е со љубов и со мали украси, служењето исто така. Тортата што ни го носи името на ресторанот ја служиме на малку не секојдневен начин на сервирање – додаде Јована.

Спомените за родното Берово, Јована и Глигорчо ги пренеле и во сопствениот ресторан, со украси и голем број на слики од градот Берово, од кои некои се нацртани од самата Јована, која вешто се справува и во уметничкиот свет. Берово велат сопствениците, секогаш ќе остане во срцето, а нашата богата и традициобална храна и убавина, се одличен концепт преставен во ресторанот, кој ги промовира убавите и единствени вкусови на секој посетител. Јована упати порака до сите кои ќе ги нанесе патот во градот Карлсруе, да дојдат и да го посетат ресторанот, во кој топло се добредојдени сите.

-Украсите, декорациите и нацртаните слики во ресторанот, вклучувајќи ги и сликите од Берово, се исто направени со љубов и нацртани дел од нив лично од мене. Ние двајцата инвестиравме премногу љубов, а сега инвестираме уште повеќе. Кој не бил во ресторанот, нема да може да разбере зошто баш тоа име и колку љубов се вложува. За крај можеме само да кажеме, дека без нашите фамилии, кои цело време не поддржуваат и ни помагаат, не би можеле да дојдеме до тука, каде се наоѓаме денес. Сите сте добредојдени, кога ве нанесе пат, да нè посетите во нашиот ресторан “Boulevard der Liebe“- истакна Јована.

Наздравје нека ви е за успешната приказна, за храброста и љубовта која ја вложивте во овој сопственн бизнис. Што друго да кажеме освен едно големо браво за нашиот млад пар Јована и Глигорчо и ви посакуваме многу успеси во иднина, а на сите наши читатели од овде и во странство ви го препорачуваме овој ресторан, да се потсетите на градот Берово, на Македонија и да ја вкусите преубавата храна, зачинета со љубов и традиција на две култури.

Во продолжение погледнете дел од менито на ресторанот како и мала галерија:

  Категории: