СТОРИЈА: СЕЛОТО СМОЈМИРОВО НА ВРЕМЕТО БИЛО ЗБРАТИМЕНО СО СРПСКОТО СЕЛО ТРЕШЊЕВАЦ ШТО СВЕДОЧИ И ЕДИНСТВЕНИОТ ИСПЕЧАТЕН ВЕСНИК ВО 1986

СТОРИЈА: СЕЛОТО СМОЈМИРОВО НА ВРЕМЕТО БИЛО ЗБРАТИМЕНО СО СРПСКОТО СЕЛО ТРЕШЊЕВАЦ ШТО СВЕДОЧИ И ЕДИНСТВЕНИОТ ИСПЕЧАТЕН ВЕСНИК ВО 1986
февруари 04 15:18 2024

На четири километри од Берово, покрај малата Пехческа Река, на падовите на едно ридче обраснато во зеленило, се наоѓа селото Смојмирово. Селото има околу 215 куќи и сите речиси се нови, со убави фасади, зашто Смојмирчани се познати како ѕидари. Многу новоградби во Берово и во Струмичко се изградени од нив. Но, Смојмирово како да сака да се слее со Берово. Новоградбите веќе се во рамницата, крај патот што води за Берово. Покрај ѕидарскиот занает, населението се занимава и со земјоделство. Во обработувањето на земјата тоа ги применува сите агротехнички мерки, а полињата се ораат со трактори.

Ова е дел од еден текст во весникот испечатен во далечната 1986 година за беровското село Смојмирово. Деновиве имавме случајна средба со Антонио Џалески жител на селото Смојмирово, кој го чува единствениот излезен број на весникот за селото Смојмирово пред скоро 40 години и го чува овој примерок како своите очи. Весникот како што вели стои кај него многу време, а се печател во рамките на поранешната популарната емисија на српската телевизија РТС по име „Знање имање“.

Антонио ни откри многу тајни и убави нешта од своите мемоари во тоа време. Освен градовите, вели Џалевски во тоа време се збратимувале и селата, па така селото Смојмирово било збратимено со српското село Трјешњевац од општина Сомобор во Војводина. Токму таа близина вели ја поттикнало и реномираната РТС во соработка со НИП „Нова Македонија“ да го истражат и во весник да го испечатат весникот за овие две месни заедници. Се организирале заеднички посети вели Тони и на двете страни, со богата програма и убав пречек.

Весникот имавме можност лично да го прегледаме и да направиме фотографии па еве ви пренесуваме интересни факти за животот на Смојмирци пред 4 децении и колку само било развиено селото на културно поле, со еден од најактивните драмски секции во Малешевијата, со библиотека и читална и Задружен дом со безброј приредби за млади и стари.

Населба што сака да биде град

Ако се запрашаат Смојмирчани што имаат најмногу во селото, ќе ви одговорат: радио-апарати, велосипеди и… луѓе што сакаат да учат. И навистина. Нема куќа без радио-апарат, велосипед и еден член од семејството да не завршил средно образование, факултет и сега да не учи. Но, тие ќе ви направат и приговор зошто нивното убаво и големо село не е одбележано на ниедна географска карта. Едни велат поради тоа што можеби е предградие на Берово, а други дека е заборавено. Но, вистинската причина не се знае.

Селото Смојмирово има и задружен дом во кој доаѓаат и стари и млади. Во убавата и пространа сала, младинците редовно организираат приредби. Тие имаат и своја драмска секција, што е една од најактивните во Беровска општина. На последните општински смотри, драмската секција ја доби првата награда, а на околиските беше пофалена. На својот репертоар драмската секцица подолго време ги задржа пиесите „Печалбари”, „Чест”, „Милиони маченици”, и друго. Со овие пиеси таа гостуваше во Берово, Русиново, Владимирово, Будинарци и Негрево.

Во задружниот дом е сместена и библиотеката со добро уреденото читалиште, а пред домот се наоѓа спортското игралиште каде што младинците се натпреваруваат во разни спортски дисциплини. Што не им недостасува уште на Смојмирчани. Разгласна станица, ќе ви речат помладите, и телефон. И едното и другото тие ќе го остварат, зашто Смојмирово е напредно село и се модернизира. (Овој текст е од НИП„Нова Македонија“ 1958 г.)

Збратименото село Трјешњевац пак во Република Србија исто така било не многу големо село.Главната стопанска гранка на жителите било сточарството со кое поголем дел се занимавале, а пак во 1965 година почнало да се развива и рударството во областа на наоѓалишта на нафта, каде биле извршени на 20 дупчења. Жителите се гостопримливи исто како и Смојмирци, па така делегацијата при посета на ова село од Смојмирово и Берово биле пречекани на организирана средба со чест и со сите благодети кои биле карактеристични за ова село.

За тоа како до добило името Смојмирово постојат две легенди кои се наведени во весникот.

ЛЕГЕНДИ ЗА СМОЈМИРОВО

За постанокот на село Смојмирово има повеќе легенди. Меѓутоа, две се најблиски до вистината. Во првата легенда како прв жител на ова село се спомнува воденичарот Стојмир, кој поради големата сиромаштија не можел да издржи во планината и од воденичарското гркало, така што решил да се насели во пониските предели, односно изградил куќа на денешно Смојмирово. Според кажувањата, по неговото име се вика и денешното Смојмирово, место Стојмирово.

Втората легенда, пак, вели дека неколкумина браќа живееле околу изворите на Брегалница. Меѓутоа, поради неслога со другите и честите кавги со соседите, едниот решил да се пресели на друго место. Но, секогаш во неговата душа била желбата за мир и често пати така талкајќи низ шумата си велел „треба мир”. Неможејќи така да живеат осамени решиле да слезат во низината. Еден ден помладиот брат почнал да се расправа при што за малку можело да дојде и до крвава тепачка ако постариот брат ни викнал „СТОЈ! МИР!”. По тој извик се смета дека дошло името Смојмирово.

Првото училиште во Смојмирово било изградено во далечната 1904 година, а во 1923 година е изградено второто, но во 1984 година почетокот на учебната година бил означен со ново училиште во кое била сместена и амболанта и во кое од 1 до 4 одделение настава посетувале 60 ученици. За жал од 2023 година, училишното звонче во селото Смојмирово не го означи почетокот на учебната година. Таму згасна училиштето, па единствениот ученик од селото посетува настава во Берово.

НОВО УЧИЛИШТЕ И АМБУЛАНТА

Пред две години Смојмирово на свечен начин беше означен почетокот на новото училиште. Меѓутоа, поради нерешени финансии, изградбата беше сопрена минатата година, па откако се разрешија сите проблеми, изградбата беше интензивирана така што се очекува градежните работи да завршат во втората половина годинава. Инаку, новото училиште, во кое ќе се школуваат околу 60 деца од прво до четврто одделение, располага со три кабинети, административни простории и кујна, а во него ќе биде сместена и новата амбуланта, со што ќе биде целосно решен проблемот за здравствената заштита на населението од ова село. Инаку, првото училиште во Смојмирово е изградено 1904 година, а во 1923 годи на е изградено второто во кое и денес се одвива-стои во весникот.

Баба Марика од селото Смојмирово со 95 години била најстариот жител.

НАЈСТАРА ЖЕНА – БАБА МАРИКА

Најстарата жена во Смојмирово е баба Марика Кракутовска, која со 95-те години сè уште не се „предава” и се уште добро се сеќава на историското минато на селото и начинот на живеењето. Баба Марика и денес прикажува за Илинденското востание, за Уриетот и за храбрите војводи и комити.

Смојмирци на времето имале и една благородна традиција на средби, видувања и сеќавања, каде организирале заеднички традиционални видувања, со веселби и потсетување на едно минато и убаво време на седенки и игри низ смојмирските ливади. За една ваква средба кој се одржала во ресторанот „Кале“ во Скопје во 1986 година, пишува токму во овој весник.

ЕДНА БЛАГОРОДНА ТРАДИЦИЈА НА СМОЈМИРЧАНИ ПРОДОЛЖУВА, СРЕДБА НА ВИДУВАЊЕ И СЕЌАВАЊА

Пред петнаесетина дена во ресторанот „Кале” во Скопје, Смојмирчани ја одржаа традиционалната средба. Продолжи една благородна традици ја на жителите од Малешевијата. Продолжи едно од најубавите и најблагородни видувања на луѓето од Смојмирово. И годинава, љубителите на родниот крај го дочекаа својот ден на ракувања, на срдечни средби, сеќавања на својот крај, на детството..

„Сите сме среќни и горди и што ќе можеме да си стиснеме цврсто рака еден на друг, да си размениме многу мисли од животот за да заборавиме во еден миг на сите човечки неволи и да се вратиме на извориштето на животот, некаде низ смојмирските ливади, седенки, велеа смојмирчани”.

Токму затоа и оваа заедничка средба беше голем повод за радосен немир, за оние кои се уште ги чувствуваат татковите огништа, оние кои животот ги одвел низ Македонија и надвор од неа.

Соработката помеѓу селата Смојмирово и Трешњевац резуртиларо и со заеднички грб на двете села, каде на високо ниво била соработката едни со други и организирање на настани. Сето тоа било во минатото, од кое можеме да научиме како се живеело во слога, почит и солидарност едни спрема други.

Ова сторија ќе остане вечно запаметена меѓу Малешевци, а посебно меѓу Смојмирци како сведок на едно убаво време и живот во Малешевијата.

Му благодариме на Антонио Џалевски за споделените информации и весникот, кој вели засекогаш ќе го чува и ќе се потсетува на соработката и убавините на животот во Малешевијата, селото Смојмирово и сите места кои ги посетил во поранешна Југославија.

  Категории: