УЧИТЕЛОТ И БОГОСЛОВ ПАЧЕМСКИ МИТКО: КАКО ДА ТЕ ПОГРЕБАМ БОЖЕ МОЈ…!

УЧИТЕЛОТ И БОГОСЛОВ ПАЧЕМСКИ МИТКО: КАКО ДА ТЕ ПОГРЕБАМ БОЖЕ МОЈ…!
април 13 23:20 2023

Какви страдања преживува нашата душа, каков ужас го обвиткува нашето срце гледајќи го овој страшен призор? Каква збунетост го опфаќа нашиот ум во овие мигови кога мислено се искачуваме на Голготската гора? А Он, Возљубениот, денес виси на дрво…

Болно трепери гласот на свештенослужителот мили мои, додека образот Божји стои наведнато пред глетката на Распнатиот Бог. Гледајќи ја љубовта Божја прикована на крст, очите се полнат со солзи и срцето болно бие пред возвишениот лик на Безгрешниот, Кој се распнува за нас. И не сакајќи во нас се раѓа мисла: Каков Бог го создал човекот и како човекот Му возврати на Бога за таа добрина!? Таму, во сладоста на рајот, Бог со Свои раце го создал, му вдахнал живот, му го дал својот образ и власт над сѐ создадено. А што направи човекот? Го биеше и плукаше својот Творец, Му нанесе болка и целиот во крв и рани Го прикова на крст. Таму во рајот Адам, овенчан во слава и чест, а овде на Голгота Христос без убавина, овенчан со трње, осуден, обесчестен, среде двајца разбојници, во ужасна смрт. Каква страшна неблагодарност!?

Таму Бог, создавајќи го од безмерна љубов човекот, го круниса делото на своите раце, а овде во страдањата Христови човекот ја дополни мерата на своето беззаконие. И сега? Што да оплакуваме повеќе? Тоа што толку пострада нашиот Господ или тоа што толку многу се дрзна човекот! Жалејќи за страдањата Христови, жалиме уште повеќе за причинителот на тие болки, оти никој друг туку ние, самите, Го распнавме својот Господ! Затоа пролевајќи сострадални солзи за Создателот, плачеме и над својата неблагодарност, оти во благиот лик на Распнатиот нема осуда, туку само бесконечно снисходење, крајно трпение и несфатлива љубов за нас. Издигнат на Крстот Он ја прегрнува секоја страдална душа и ја исцелува со љубов.

Таму горе Он го исполнува нашето спасение. Таму на дрвото на Лотовото покајание, го плаќа откупот за гревот човечки. Таму го потпишува новиот договор што всушност го склучи со нас. И ако го читате апостолот на љубовта, Јован, ќе разберете дека на светот му напиша една нова историја. Но, не историја на страсти и на смрт, туку на вистински живот, велејќи: „Бог толку го возљуби светот, што Го даде Својот Единороден Син, та секој што верува во Него, да не погине, но да има живот вечен“ (Јован 3, 15-16). Евангелските читања на Велики Петок го издигнуваат нашиот ум во свештено созерцание, да ги гледаме страшните искупителни дела на Синот Божји, кои како да ни се случуваат пред нашите очи. Божествената благодат му шепоти на секое Христијанско срце, дека ова не се настани од минатото, туку живо и вечно движечко дело за спасение на секоја човечка душа. Она што во овој ден се пее не воведува во драмата на Страсната Седмица, но не како гледачи, туку како учесници во Божествените настани што го променија светот.

„Спасение си извршил среде Земјата, Христе Боже, си ги раширил на Крстот Твоите пречисти раце, собирајќи ги сите народи кои викаат: Господи Слава Ти“! Од овие зборови испеани на древната византиска мелодија, „трепери сето создание, гледајќи го својот Создател распнат“. Занемено е созданието пред тајната на љубовта Божја, пројавена низ оваа Негова најголема и доброволна искупителна жртва. Страшно е да се гледа Творецот на небото и земјата како виси на Крст, сонцето е помрачено, а денот пак, во ноќ е претворен. А стоиме и ние, во свештен молк пред несватливото смирение на Христа, Богочовекот, кое Он до крај го исполнува, прифаќајки смрт, и тоа смрт на Крст. Во недоумица и ние со Ариматеецот извикуваме: Ги величаме страдањата Твои, го песнословиме и погребението Твое… а Пресветата Мајка, плачејќи вели: мојата слатка светлина, надежта и животот мој благ, Мојот Бог изгасна на Крстот, а гори и утробата моја… слатко мое чедо, слатка моја пролет, каде зајде Твојата убавина? Јосиф и Никодим пак го симнуваат од Крстот, Божественото Тело и го полагаат на чиста плаштаница.

Мајката со солзи ги измива раните од кои на светот му истече простување, а Мироносиците Го помазуваат со скапоцените мириси. Ангелските чинови се исплашени од преславното дело, започнуваат песна и ја подигаат кон славословие и плач сета природа. А ние, луѓето, што се измиривме со небото и земјата преку овој подвиг на Искупителот, опфатени од чудна таговна радост, се придружуваме на нивното пеење, еднодушно извикувајќи: „Народите сите погребението Ти Христе со песни го пеат“! Како ли, како ли, носен на раце свештенички, Христос во гроб се полага? Но зрачи Неговиот заспан, спокоен лик, кој како да вели: Ќе воскреснам и од овој мрачен гроб на сите живот ќе им источам. Сега ни останува да Го следиме до крајот, да се сораспнеме со Него, умирајќи за гревот и страста, за да оживееме во Него, како што ни вети.

Срдечно, вашиот учител и богослов при Македонската православна црква, Охридска архиепископија.

  Категории: