Во Македонија како и во другите европски земји, властите најавуваат олеснување на мерките преземени поради коронавирусот, некои од нив и сосема спротивни од досега стекнатите човекови права и слободи
Речиси во сите земји во светот поради мерките за спречување на ширењето со коронавирусот се загрозени човековите и демократските права, а прашањето што се поставува е како ќе изгледа демократијата по олеснувањето на мерките, дали се ќе се врати на старо, или, пак, некои претходни права ќе се загубат? Домашните аналитичари сметаат дека тоа зависи од два елемента- капацитетот на властите и желбата за демократско владеење и свесноста на граѓаните за нивните права и нивната желба да си ги бараат.
Некои истражувања на јавното мислење покажуваат дека македонските граѓани човековите права, демократијата и слободата ја ставаат на петто место одговорајќи на прашањето: кој е најголем проблем со кој се соочува земјата денес? Според испитувањето на јавното мислење спроведено по барање на американскиот Национален демократски институт НДИ минатиот месец, 4,5 отсто од испитаниците во Македонија сметаат дека најголем проблем се човековите права, демократија и слободата, а пред нив како проблеми ги редат економијата, личниот стандард, криминалот и корупцијата и владеење на правото.
Едно постаро испитување, од 2008 година, пак, спроведено во рамки на Европската студија на вредностите покажува дека дури 72 отсто од испитаниците во Македонија се согласиле дека е многу добро или главно добро да се има има силен водич.
Македонските граѓани и цврстата рака
Желбата за цврста рака, силен водач, може да се препознае и во голем дел од реакциите на социјалните мрежи каде што за недисциплираните граѓани, кои не ги почитуваат владините мерки за справување со коронавирусот, се повикува да се дисциплинираат на пример со камшици, како во Индија, посочувајќи дека народот во Македонија е неодговорен, за разлика од европјаните кои се.
Според Љупчо Петковски од консултанската куќа Стелар постојат црни кампањи на социјалните мрежи кои вели не ги прави власта, но и oдговараат на неа бидејќи ја ставаат во улога на „пожарникар” кој ги гасне расправиите до кои доаѓа поради акумулираниот гнев кој се распрснува кон разни групи. Петковски потстетува дека прво цел на напади беше дијаспората која се врати во земјава, па потоа нападот беше врз одредени групи граѓани кои добиле посебни права во полициски час, како сопствениците на миленици и други групи. Правејќи споредби со други земји, каде што има рестриктивни мерки, но не и полициски час, Петковски вели дека тука многу лесно се дозволило да дојде до такви чекори.
„Ние не само што дозволивме да ни се наметнат такви мерки, туку дозволуваме да бидеме и обвинувани дека не чиниме, а не мерките и некако многу лесно дозволивме да се прогласи вонредна состојба, од која имајќи го на ум искуството од минатото, а познавајќи ги нашите политички елити и силината на институциите мислам дека се ова ќе доведе до зголемување на корупцијата, а тоа ќе излезе на виделина многу скоро, од кога ќе се нормализира ситуацијата“, вели Петковски.
Релаксирање на мерките по 1-мајските празници, најави Спасовски
Инаку во меѓувреме власта од една страна почна да најавува олеснување на мерките кои се во сила повеќе од еден месец, а од друга страна најавува дополнителни обрвски и ограничувања како носење на маска, кривична одговорност за групирање на повеќе од пет луѓе, немање дистанца од два метра. Во владините сооптштенија може да се прочитаат и уредби за медиумите како на пример- Министерството за информатичко општество и администрација да подготви уредба со законска сила во која правно ќе нормира обврска на сите телевизии и радија да обезбедат емитување на информативни пораки, подготвени од Министерството за здравство и Владата на Република Северна Македонија во врска со КОВИД-19 во времетраење од 2-3 минути на секој час на радио и телевизиските програми.
Коронавирусот- борба против него или борба за моќ
Според политичкиот аналитичар Џељаљ Незири во светот во многу земји се гледа на кризата како на можност за добивање моќ, но тој е убеден дека тоа во Македонија нема да се случи пред се заради тоа што функционира техничка влада во која се вклучени претставници на сите поголеми политички партии.
„Во секоја криза политичарите не гледаат само потешкотии туку и можности во смисол на придобивање на моќ врз сегменти на општеството врз кои претходно немале консолидирана моќ или консолидирање на нивната идеолошка матрица, има и такви случаи во светот каде што на кризата се гледа како на вистинска можност за зацврствување на идеолошката матрица“, вели Незири.
Извор:slobodnaevropa.mk