Доброволно противпожарно друштво – Кочани, во сабота на 17 Септември со 12 часовен хепенинг ќе ја одбележи годишнината од своето постоење.На настанот кој ќе се одржи во кругот на ТППЕ-Кочани, ќе биде презентирано ново противпожарно возило наменето за ДПД -Кочани, како и опремата со која располагаат, а предвидено е изведување на тактичко – показна вежба од страна на членовите на друштвото.
-Настанот се организира по повод една година од формирањето на Доброволното противпожарно друштво – Кочани. Целта е да и овозможиме на јавноста одблиску да се запознае со нашето работење и опрема која ја поседуваме. Нашиот слоган за првиот роденден е „Граѓаните за ДПД, ДПД за граѓаните“. Добредојдени се сите граѓани на нашиот прв роденден. Настанот започнува во 15:30 во кругот на ТППЕ –Кочани, истакна Златко Илијев, претседател на ДПД – Кочани.
Исто така во сабота официјално ќе биде пуштен во употреба и реновираниот објект на ДПД – Кочани во кругот на кочанската пожарна, а официјалното отварање на настанот ќе бидат доделени сертификати на членовите на ДПД – Кочани и отчет за сработеното во изминатито едногодишен период.
Како дел од уметничкиот дел на настанот ќе настапат локални уметници и ученици од ООМУ „Ристо Јуруков“, ДГ „Павлина Велјанова“ и ПДГ „Амичи“, како и настап на локалните ди-џеј имиња: Дј Лекс, Дј Ц2, Матрикс, Дј Ацко и Дј Буби Тасев.
Доброволното протипожарно друштво од Кочани добро им е познато на Малешевци, со тоа што никогаш нема да ја заборавиме нивната поддршка во справување со минатогодишните апокалиптични пожари кои ја зафатија Малешевијата, како и понудената помош од нивна страна за справување со гаснење на пожарот пред некој месец над селото Митрашинци-Берово, каде меѓу првите дојдоа и помогнаа во гаснењето, како и во многу други акции на опожарени места во Берово и Пехчево.
За сето тоа сме им благодарни и упатуваме честитки поповод нивното едногодишно постоење.