Симболот на беровската архитектура, оставен на забот на времето.

Симболот на беровската архитектура, оставен на забот на времето.
март 29 20:29 2018

Несопирливо пропаѓа симболот на малешевската архитектура. Куќата родена во турско време и која е главен лик и на поштенска марка во земјава, позната низ Берово како Буклиска куќа, ја изеде забот на времето. Исправена сѐ уште над улицата, таа полека го губи кровот, прозорците и изгледа како со последните сили да се држи за гредите и каменот ставен во темелите, немо раскажувајќи ја нејзината приказна.

Нема човек кој ќе помине низ оваа улица која се искачува од центарот на Берово и води до стариот манастир, а да не застане да ја погледне нејзината градба. Измалтарена со кал од трска, на чија фасада сѐ уште скромно се познава белата боја,со искршените стакла на прозорците, со дрвената врата која стои отворена и со кровот кој полека го снемува. Може и да се ѕирне во нејзината внатрешност, каде има расфрлан материјали и кој знае што уште не, но колку и да си љубопитен, не може да ја откриеш тајната на оваа позната куќа, иако таа шепоти за едно далечно време.

Но, секој кој е внимателен, ќе гледа и побрзо да избега од неа уште пред да го слушне незјиниот шепот, бидејќи опасноста од неа демне на сите страни. Човек не знае што побрзо ќе падне од неа.

Осумдесетгодишниот Александар  Мановски, стар беровец кој живее во непосредна близина на Старо Берово, каде се поредени старите куќи, носталгично се сеќава дека оваа куќа некогаш била гордост во Малешевијата.

– Таа беше проучуена, беше слика за Берово, кога го даваа Берово, секогаш нејзе ја покажуваа. Некогаш беше и болница, а сега да ти е срам да ја гледаш. Има убави куќи нз Берово, но сите пропаѓаат, не се одржуваат. Чим кровот пропаѓа на куќата, тогаш пропаѓа целата, бидејќи тие стари куќи се од дрво. Жално, кај нас сите стари куќи кои беа белег на Берово, пропаѓаат, нема ниту една, така да се одржува, вели Мановски.

 	b2.

Многу наследници една куќа

Буклиската куќа денес е наследство на шест наследници. Од наследниците само еден живее во Берово, другите се во Делчево, Скопје, Белград.

Стапивме во контакт со наследничата која живее во Берово, Драгица, а таа ни раскажа дека куќата ја добиле како наследство од нејзиниот вујко Симеон.

– Куќата ја наследивме од вујко ми Симеон, а тој  ја наследил од сопругата, Љубица Бујоклиска која, пак, ја наследува од нејзиниот татко Глигор кој бил многу богат и кој ја изградил пред скоро два века заедно со неговата фамилија. Куќата се вика и стара беговска куќа, градена е скоро пред два века. Има сутерен, приземје и кат, има два влеза, еден на улицата „Маршал Тито“ и еден страничен, но има уште и странична врата, која се користела во случај некој да сака да избега. Има многу долапи, прозорци многу, чардакот е затворен. Синот на Глигор, брат на Љубица, бил лекар и тој студирал медицина во Виена и работел како лекар во Берово и во оваа куќа имало и болница. За жал, тој починал во Белград и немал потомство.Исто така, за жал, многу млад починува и синот на Љубиц и Симеон, Влатко, на 38 години и немал потомство, раскажува наследничката.

Денес, внуците од сестрите и братот на вујкото Симеон, се наследници на оваа куќа. Шест дела, шест наследници.

– Оваа куќа е ставена под заштита на државата. Ние нешто се обидувавме, но со многу газди е тешко. Сега куќата е на продажба. Ние не можеме да се согласиме да ја реновираме, потребни се многу пари, проект , одобрение од Минситерството за култра, соодветни материјали и градба за реконструкција.  Логично е државата да понуди нешто, еве  тоа е музеј на Берово. Верувајте дека сум тажна сум, кога ја гледам . Овде живееше една прекрасна фамилија,  а сега од смртта на вујко ми, скоро 20 години е празна, вели наследничката.

 	b4.

Неуспешен проект со Француската асоцијација на градови со културно наследство

Архитектотот Мишо Догазански, кој е раководител на Одделението за урбанизам во Општина Берово, истакнува дека две од старите куќи од Старо Берово, се ставени под заштита на државата, а додека за уште шест , сѐ уште се води постапка за заштита како културно наследство. Но, нерешените имотно- правни односи и долгата процедурата наметната од државата за реконструкција на овие куќи како кутурно наследство, ја усложнуваат постапката за санација.

– Пред неколку години, Берово заедно со Куманово, Велес, Кратово и Штип, беше вклучено во проект кој се работеше во партнерство со Француската асоцијација на градови со културно наследство во која беше планирано да се направи рекострукција на една од овие куќи. Според прокетот, ние го нотиравме градското јадро на Берово, Старо Берово со постари градби градени во турско време, пред Првата светска војна и втора зона со објекти градени меѓу двете светски војни. Сите тие објекти, 12 од двете зони добија своја лична карта. Но, со тоа заврши проектот, според кој, требаше да се реконструира една куќа со мајстори од Франција кој требаше да обучи локални мајстори да работат со стари материјали, кои потоа требаше да продолжат со реконструкција на другите градби. Но, за жал, тоа така остана. Се јавија многу наследници, целата постапка е поскапа и ние сме сведоци на нивно пропаѓање, вели Догазански.

Староградска беровска архитектура

Архитектот Соња Фурнаџиска по потекло од Берово, ги сподели со нас спецификите на старата малешевска архитектура. Таа истакнува дека  беровската куќа припаѓа кон онаа стилска целина што во деветнаесеттиот век го прекривала Балканот, а како и сите познати стилови низ историјата, старата градска архитектура го создала единството со грижлива стандардизација на проектантски и градежни методи.

– Конфигурацијата на теренот на местото на градбата влијаела врз формата, конструкцијата и просторната содржина на куќата. Беровската куќа се развивала во височина, вклопена во тлото на теренот и на должината на сокаците, по линијата на изохипсите на конфигурацијата. Среде богатите природни пејзажи се раѓала беровската- малешевска архитектурата. Затоа не е ни чудо што во градбите често се употребува, кал, камен, дрво како синтеза помеѓу природата и она што е создадено од човечка рака. Градителите, кога граделе користиле материјал за градба од природата во непосредната околина. Дрвото, каменот и геолошкиот состав на земјата, човекот ги применувал природните и еколошки чисти материјали од природата, со што ја формирал носечката конструкција на градбата. Куќите биле збиени во просторот со мали сокаци, групирани во маала. Тие биле со приземје плус еден или два ката во зависност од конфигурацијата на теренот, вели Фурнаџиска.

 	b3.

Каменот како градежен материјал се употребувал за градење на подрумите, сутерените и приземјето се ѕидани масивни ѕидови кои служеле како подлога за поставување на градбата со ѕидовите и покривот.

– Бондручниот систем се формира од дрвен скелет, чии ѕидови се исполнувале со плетени гранки, која од надворешната и внатрешната страна се премачкувала со смеса од кал и слама. На тој начин, се добивал добро изолиран простор за живеење. Притоа преградните ѕидови биле исполнети со гранки кои се сечеле од шумата и се нарекува плетеница. Геолошкиот состав на земјата овозможил земјата-калта да се користи во обработена форма како основна подлога, за исполна на зидовите и за малтересување со смеса од кал и слама на надворешната страна на ѕидовите.  Подоцна во дваесеттиот век, земјата претходно се подготвувала со калапи, се добивале непечени правоаголни парчиња- керпич со кој се граделе ѕидовите. Покривањето било со турска ќерамида, истакнува Фурнаџиска.Брзиот развој на стопанството,влијанието на  модерното време,  ја дава денешната слика на Берово. Многу од сопствениците на стари куќи ги срушиле старите градби и на нивни места се изградиле нови објекти кои не го задржуваат стариот, автентичен стил на градба. Од година во година, пред очите на сите,  беровската куќа полека исчезнува заминувајќи во историјата.

ИЗВОР: МИА

  Категории: