ПОРАКИ ЗА МИР И МЕЃУСЕБНО ПОЧИТУВАЊЕ ОД ОТВОРЕНИОТ ДЕН ВО ЏАМИЈАТА „БЕЈТ УЛ АХАД“ ВО ПЕХЧЕВО

ПОРАКИ ЗА МИР И МЕЃУСЕБНО ПОЧИТУВАЊЕ ОД ОТВОРЕНИОТ ДЕН ВО ЏАМИЈАТА „БЕЈТ УЛ АХАД“ ВО ПЕХЧЕВО
јануари 29 00:53 2024

Во присуство на голем број граѓани од Пехчево, Берово и неколку соседни градови, денес во пехчевската џамијата Бејт-Ул Ахад, од страна на Ахмадија муслиманската заедница беше организиран отворен ден и новогодишен пречек. Настанот беше поделен на два дела, формален и неформален. На формалниот дел присутните граѓани, кои поголем дел беа од христијанска вероисповед, имаа можност да се запознаат со исламските учења, за функционалноста на Ахмади муслиманите, како и за пораките за мир и соживот кои се главните темели на оваа мирољубива вера.

Имамот и гостин од Словенија, Талха Ахмад истакна дека целта на оваа средба е да не се гледаат разликите, тука да се увидат сличностите бидејќи и муслиманите и христијаните имаат многу сличности со кои се поврзуваат.

-Денес имавме во нашата џамија, новогодишен прием за граѓаните на Берово и Пехчево. Целта е да не гледаме на разликите, туку да гледаме на нашите сличности бидејќи ние како муслимани и христијани, имаме многу сличности и тоа е најбитно. Исто така треба да изградиме мостови на меѓусебно почитување и толеранција. Наместо да гледаме на разликите, кој што е, јас мислам дека преку овие програми, ние можеме да направиме мост како конекција и однос со другите луѓе и да бидеме добри со сите. Денес овде имаше многу луѓе, посебно христијани и тоа е знак дека имаат интерес да се запознаат со нашата вера и исламските учења, што ми претставува големо задоволсто – истакна Талха Ахмад.

На денешната програма, членови на Ахмадија заедницата од Пехчево, на присутните гости им претставија краток историјата за почетоците на делување на Ахмади џемаатот, суштината на самиот збор ислам кој значи мир и основните темели на исламската вера за покорноста кон возвишениот Бог и пораките за мир на сите луѓе во светот, со што присутните со задоволството го проследија настанот и го поздравија ваквиот начин на заеднички средби.

Во вториот неформален дел од програмата, сите присутни беа на заедничка дружба со малешевска храна, додека голем интерес побуди пишувањето на сопствените имиња на граѓаните на арапски и пакистански јазик. За дечињата пак кои беа присутни во џамијата, беше ораганизирана програма за боење и цртање, како и играње на пинг-понг.

Инаку Ахмадија заедницата скоро три децении делува во Малешевијата. Почетоците на оваа муслиманска вера се токму во Берово, а сите активности и хуманитарни акции кои Ахмади муслиманите ги спроведуваат во овој дел, добро им се познати на Малешевци, за кои ваквиот начин на дејствување и соживот е високо на пиадесталот за нив.