ПИСМА: РАСПАЃАЊЕТО НА БЕРОВСКАТА СТАРА АРХИТЕКТУРА ПРЕСТАВУВА ОПАСНОСТ ПО ГРАЃАНИТЕ.

ПИСМА: РАСПАЃАЊЕТО НА БЕРОВСКАТА СТАРА АРХИТЕКТУРА ПРЕСТАВУВА  ОПАСНОСТ ПО ГРАЃАНИТЕ.
април 26 09:49 2021

Несопирливо пропаѓа симболот на малешевската архитектура. Куќата родена во турско време и која е главен лик и на поштенска марка во земјава, позната низ Берово како Буклиска куќа, ја изеде забот на времето. Исправена сѐ уште над улицата, таа полека го губи кровот, прозорците и изгледа како со последните сили да се држи за гредите и каменот ставен во темелите, немо раскажувајќи ја нејзината приказна.

Нема човек кој ќе помине низ оваа улица која се искачува од центарот на Берово и води до стариот манастир, а да не застане да ја погледне нејзината градба. Измалтарена со кал од трска, на чија фасада сѐ уште скромно се познава белата боја,со искршените стакла на прозорците, со дрвената врата која стои отворена и со кровот кој полека го снемува. Може и да се ѕирне во нејзината внатрешност, каде има расфрлан материјали и кој знае што уште не, но колку и да си љубопитен, не може да ја откриеш тајната на оваа позната куќа, иако таа шепоти за едно далечно време.

Но, секој кој е внимателен, ќе гледа и побрзо да избега од неа уште пред да го слушне незјиниот шепот, бидејќи опасноста од неа демне на сите страни. Човек не знае што побрзо ќе падне од неа.

Во нашата редакција присигна писмо од граѓани кои живеат во непосредна близина на куќата.Велат дека моментално куќата преставува опасност по животот на луѓето, бидејќи не се знае кога може да се сруши, а рушевини паѓаат и во нивниот двор, каде има и мали деца кои си играат.

Еве што велат во дописот:

-Куќата која се наоѓа во непосредна близина до нашиот дом, наместо да се конзервира и да претставува симбол на градот и туристичка атракција, таа моментално е закана по животот на нас и самите минувачите по улицата „Маршал Тито“ која е една од нај фреквентните улици во градот.Немаме мир повеќе години, а оваа година ситуацијата е катасрофална.Имаме деца кои си играат во дворот и не смееме да ги пуштиме надвор, бидејќи од дождот и снегот, нон стоп паѓаа керамиди и други рушевини во нашиот двор и на улицата подолу каде има паркирано и автомобили.Неколкупати бевме до градоначалникот, кој ни рече дека тоа не е во негова надлежност, туку на Министерството за култура.Се прашуваме, имаме градски власти кои треба да ги решаваат проблемите на граѓаните.Имаме вработени во администрацијата кои треба да се во служба на граѓаните и да го исконтактираат Министерството за култура.Ние ли треба сами да се снаоѓаме.Лесно е да се сруши куќата, но дајте да се конзервира ако е можно и да се најде решение за овој проблем, бидејќи не само за нас, туку и за туристите кои поминуваат од тука, може да падне или цигла или керамида и да повреди некој.Се надеваме дека после десетина пати апелирање во Општината, овој пат ќе превземат мерки градските власти.Благодарам на Малеш Нет за изнесениот проблем.

  Категории: