Во најубавиот период од годината, летото, концертите на отворено, музичките перформанси и уметност кога се доживуваат под ведро небо, имаат посебно значење. Проследени со дружење, опуштање и следење ритам до изгрејсонце, музиката на отворено дефинитивно знае да го заокружи летото исполнето со настани.
Пред да одлетаме со мислите дека летото набрзо завршува, најдоброто допрва доаѓа. Електронскиот ритам, звук и големите имиња од западниот музички свет нè очекуваат на најголемиот спектакл годинава на 2 Август во Охрид. Вечерта исполнета со музика започнува во Антички театар со Juan Atkins и Македонска филхармонија под диригентство на Џијан Емин, а продолжува на плажата Парк со after сетот извонредниот на Jeff Mills.
„Луда забава, слобода и адреналин, измешани чувства, форми и визуелни искуства, е забавата во најава за која сите зборуваат. Ветуваме уште едно разгалување на сетилата, овој пат под отворено небо со Juan Atkins заедно со Македонска филхармонија под диригентската палка на маестро Џијан Емин во Антички Театар и after сетот на Jeff Milss на плажата Парк”, изјави Огнен Узуновски Оги од Излет мјузик продакшн, организатор на настанот.
Џинот на звукот и диригентската палка на Македонската Филхармонија, Џијан Емин, со нетрпение го очекува 2-ри Август, денот кога македонската публика ќе го вкуси непознатото.„Двете имиња кои ни гостуваат летово, нивното искуство, звук и начин на кој ја трансформираат музиката во задоволство, се доволни за да замислите каква еуфорија и спектакл се подготвува во Античкиот театар и на плажата Парк. Мое особено задоволство е да стојам рамо до рамо со Juan Atkins, да работам со лица како Оги, Самоил, пријателите на целиот проект, а уште поголема чест е што публиката која заслужува почесто да ги ужива ваквите звуци, искрено ќе се радува на секој акорд и ќе одлета во други, сензорни димензии“,вели Џијан Емин за претстојниот спектакл во Охрид.
Овој настан е поддржан и од Neuland, мултисензорната платформа, посветена да создава необични музички и уметнички искуства. Neuland Sensorium, според многумина, настанот за 2017 година, кој се одржа лани во ноември во Мала Станица беше кулминација на соработката помеѓу мултисензорната платформа и маестро Џијан Емин и ги помести границите на добрата забава во градот нудејќи досега невидени интерпретации на звукот, вкусот и визуелните уметности. По оваа соработка помеѓу Neuland и Џијан Емин, како и годинешната соработка помеѓу Neuland и клубот Сектор 909, Neuland се појавува како поддржувач и на овој спектакуларен настан.