ЕЛЕОНОРА РАШКОВСКА: ПРОГРАМАТА „ЗА БЕРОВО ГАРАНТИРАМЕ“ Е НОВАТА ИДНИНА ЗА СИТЕ НАС.СОДРЖИ МНОГУ ПРОЕКТИ ЗА ДА ГИ ЗАДРЖИМЕ МЛАДИТЕ.

ЕЛЕОНОРА РАШКОВСКА: ПРОГРАМАТА „ЗА БЕРОВО ГАРАНТИРАМЕ“ Е НОВАТА ИДНИНА ЗА СИТЕ НАС.СОДРЖИ МНОГУ ПРОЕКТИ ЗА ДА ГИ ЗАДРЖИМЕ МЛАДИТЕ.
октомври 04 12:12 2021

Време е граѓаните на општина Берово да добијат локална самоуправа во служба на граѓаните. И нашата општина да биде сервис на граѓаните. Нашата програма „За Берово гарантираме“ е програма за новата иднина на Берово, иднина со проекти, а сето тоа заедно носи победа, истакна Елеонора Рашкоска, кандидат за градоначалник на општина Берово од ВМРО-ДПМНЕ.

-Програма со многу проекти за општината, програма за нова иднина за Берово. Нова иднина која мора да ја градиме заедно со младите, зошто всушност тие се иднината на нашата општина.

Но, за жал младите се повеќе ја напуштаат општината, и сегашните домови, и не повеќе само заради егзистенцијата туку повеќе заради недовербата во локалната самоуправа како институција.

За да успееме во намерата да ги задржиме младите, нашата авангарда, еден од приоритетите во нашата програма е новата населба за млади, за која што општината се обврзува да изгради комплетна инфраструктура, да изработи ДУП, со парцели и станбени објекти за домување кои ќе бидат целосно ослободени од плаќање на комунален надомест за одобрение на градба, бесплатни типски проекти и симболична цена за купување на градежното земјиште од едно евро по квадрат за млади брачни парови. Извор на финансирање – буџетот на Општината.

За да останат да живеат младите во Берово потребни им се и нивни бизниси. А, нашата програма гарантира поддршка за отворање на нови бизниси за младите од Берово, која ќе оди со субвенционирање од страна на Општината.

Со овој проект се предвидува рестартирање на постоечкиот бизнис инкубатор, внатрешно преуредување и овозможување на канцелариски простор за млади претприемачи кои започнуваат сопствен бизнис.

Младите претприемачи ќе имаат бесплатна можност да ги започнат и да ги развиваат своите бизниси, бизнис планови и со тоа да си овозможат да си ја осигураат својата иднина во нашето Берово. Извор на финансирање – буџетот на Општината и меѓународни финансиски институции.

И тука не застануваме, програмата содржи многу проекти, за да ги задржиме младите, со квалитетно исполнето слободно време, преку спортски рекреативни, воспитни и социјални содржини за младите.

Ова е нашата шанса да создаваме проекти и нова иднина за сите нас во нашето Берово, зошто имаме знаење со кое можеме да гарантираме раст и развој на општината, но и да покажеме дека во нас постои надеж, но и пркост за да создаваме и градиме без страв и со верување во себе.