Градот Крањ во Словенија, викендот беше центар на македонските песни и ора (Фото+Видео)

Градот Крањ во Словенија, викендот беше центар на македонските песни и ора (Фото+Видео)
јануари 28 23:53 2025

Голема македонска забава викендот се одржа во словенечкиот град Крањ, во организација на македонското културно друштво „Св. Кирил и Методиј“. Македонските песни во интерпретација на нашите беровски музичари во состав на групата Малешевски мерак и вокалистите Соња и Миленце, собраа на едно место многу македонци ширум Словенија, на преубава дружба и веселба.

Од групата Малешевски мерак изразија задоволство од пречекот во градот Крањ, до организаторите и нашинците кои живеат таму, за преубавата вечер и големата посетеност на оваа македонска музичка забава.

-Чест ни беше на целата група заедно со солистите, најпрво да се видиме со нашинците кои се во градот Крањ и да свириме со задоволство на оваа македонска забава. За прв пат сме овде во Крањ, но верувам дека нема да биде последен. Топлиот пречек на сите нас ни остави посебен впечаток, додека на забавата разиграни беа сите присутни со нашите познати македонски песни, кои со задоволство се пееја и играа цела вечер. Изненаден сум од број на Македонци кои живеат овде, а ги има во голем број. Исто така голем број наши луѓе по потекло од Малешевијата, кои живеат и работат во Крањ, беа присутни на забавата. Благодариме уште еднаш на организаторите Ивица, Драгана и Гоце за овој настан, кој долго ќе го паметиме и прераскажуваме – вели Ице еден од членовите на беровската група Малешевски мерак.

На настанот беа презентирани и македонски ора со настап на младинската фолклорна секција со сплетот “Моме Митро” од авторот Јовица Блажевски.

Во Република Словенија се регистрирани осум македнски културни друштва, но како најактивно е токму МКД „Св. Кирил и Методиј од градот Крањ, кое од неговото формирање во далечната 1992 година до денес, може да се пофали со голем број активности, настани, фолклорни секции, кои ја промовираат македонската традиција и култура не само во Словенија, туку и насекаде во светот.

-Македонско културно друштво Св. Кирил и Методиј од Крањ, е рангирано како најактивно меѓу македонските културни друштва во Словенија, според опсегот на активностите на друштвата.Инаку во Словенија се регистриани осум македонски културни друштва, који соработуват преку Сојузот на македонските друштва во Р. Словенија. Исто така многу бројна и многу активна е и Македонска Православа Црква. Црквата со протоерејот Митко Газинковски и ерејот Дејан Миловски (двајцата од Митрашинци – Берово), ја покрива територијата на цела Словенија, дел од Италија и дел од Австрија. МКД Св. Кирил и Методиј од Крањ е формирано на 23.5.1992. Во рамките на друштвото делуват повеќе секции. Фолклорна, книжевна, спортска, информативна и кулинарска секција. Најактивна од секциите е фолклорната секција, која е составена од три групи: детска и младинска фолклорна група и групата на ветераните. Фолклорната секција ја негува традицијата на македонски песни, ора и обичаи од различни делови на Македонија. Секоја година членовите на фолклорната секција учествуват во ногу бројни настапи низ цела Словенија, Австрија, Босна, Македонија, додека групите настапувале и на поголемите фестивали во Турција, Италија и Германија. Спортската секција е најактивна во областа на фудбалот и шахот, а книжевната секција ги презентира своите активности со литературни вечери, поетски читања и рецитали – истакнаа од македонското културно друштво

МКД „Св. Кирил и Методиј од градот Крањ делува и во информативниот карактер со свое списание насловено „Наше Сонце“ со издадени 21 напишано списание, со што Македонците кои живеат во Словенија, високо котираат во интеграцијата во словенечкото општество, а за успешното работење на друштвото сведочат и добиените награди.

-Неколку години по основањето на друштвото е формирана и информативната секција која го припрема списанието „Наше Сонце“. До сега друштвото има напишано 21 списаниа. Од самиот почеток на работата ги подготвуваме и редовни ликовни изложби на македонски, словенечки и други уметници. Кулинарската секција се грижи за презентација на македонската кујна, која е составен дел на многу настани. За успешното работење на друштвото сведочат и бројните добиени награди како что е: Награда на општина Крањ во 2012 година, за 20 години успешно работење на друштвото, награда на председателот на Р. Македонија Ѓорѓе Иванов за афирмиранје на Р. Македонија во светот во 2013 година и многу други награди – додадоа од МКД „Св. Кирил и Методиј од градот Крањ.

Исто така членовите и организаторите на традиционалнниот настан на македонската песна и ора упатија благодарност до беровската група Малешевски мерак и солистите Соња и Миленце и им се заблагодарија за убавите македонски песни, кои за викендот ечеа во градот Крањ во Словенија.

Во продолжение видеа од настанот: