Епидемијата на болеста Ковид-19 што ја предизвикува коронавирусот до сега во земјава официјално опфати околу 2.000 лица и предизвика над 100 смртни случаи. На светско ниво, од оваа болест до сега заболеа повеќе од 5 милиони луѓе, а починаа над 300.000.
Таквата ситуација и мерките кои властите ги преземаа за спречување на понатамошното ширење на болеста им го променија животот на сите граѓани, особено на младите.
Учењето и оценувањето се одвива од дома, а дружењето најчесто се случува на социјалните мрежи. Тоа за младите е шанса да се посветат на активности кои одамна планирале да ги реализираат, а не можеле да најдат време, но и да се релаксираат со книга, филм или серија.
Анкетата на тема „Што читаат/гледаат младите во карантин?“ што ја спроведе Новинската агенција „Мета.мк“ во соработка со администраторите на инстаграм профилот @studentarijamk покажа како младите го поминуваат секојдневието во последниве два месеца.
Станува збор за профил на Инстаграм кој има повеќе од 15.000 следбеници, главно студенти. Прашањата беа поставени онлајн на 18 и 19 мај, а одговорија повеќе од 2600 испитаници. Иако не станува збор за професионално спроведена анкета со репрезентативен примерок, сметаме дека резултатите даваат релевантна слика.
Според добиените резултати, 47 проценти од испитаниците не прочитале ниту една книга за време на карантинот. Најмалку една книга прочитале 21 проценти, додека две или повеќе книги прочитале 32 отсто од испитаниците.
Кај оние што читаат книги, при изборот најмногу преовладуваат жанровите трилер и мистерија. Па така, омилен автор деновиве е Себастијан Фицек, чии книги („Терапија“, „Пациентот“ и „Пакетот“) се најчитани меѓу младите. Тие исто така ги прочитале и делата на Гијом Мисо, како „Девојката од Бруклин“, „Апартман во Париз“, „Централ Парк“ и други. Во одговорите споменати се книгите на Агата Кристи. Од македонските изданија, најпопуларни се „Будење на свеста“ од Катерина Ангеловска и Радован Витошевиќ, како и „Вештица“ на Венко Андоновски.
Но, се чини дека за младите попривлечни се сериите и филмовите, наспроти читањето. За време на карантинот, 54 проценти од младите одговориле дека секојдневно гледаат серии или филмови. Младите истакнале вкупно 272 наслови на филмови и серии, но во овој период, најпопуларни се шпанските драми, La Casa de Papel и Elite. Споменати се и сериите „Friends“ и „Dark“.
Извор:Мета.мк