Од утре нови рестриктивни мерки – угостителите ќе затвораат во 21 часот?

Од утре нови рестриктивни мерки – угостителите ќе затвораат во 21 часот?
ноември 02 20:57 2020

Кафеаните и рестораните ќе работат до 21 часот. Овој предлог на Комисијата за заразни болести ќе се најде на утрешната владина седница, а информацијата ја потврди и министерот за здравство. Скратувањето на работното време на угостителските објекти е поради лошата епидемиолошка состојба во земјата со повеќе од 1000 смртни, над 10 000 активни случаи на Ковид 19 како и исполнетост на болничките капацитети. Филипче уште во синоќешното гостување во дневникот на Сител изјави дека мерките ги димензионираат согласно слободните кревети за хоспитализација на болни.

-Практично целите болници се сега во фаза на мобилизација и ги лечат ковид пациентите. Се сместуваат се повеќе и на други одделенија заради тоа што инфективните се веќе преполнети. Значи ниту еден пациент не бил вратен од болница ако навистина им индикација за болничко лекување, изјави Венко Филипче, министер за здравство.

Дополнителните две одделенија што ги пренамени ГОБ 8ми септември се веќе пополнети и во оваа болница има 79 пациенти со Ковид 19. И Институтот за ТБЦ почна со прием на ковид пациенти а болници во внатрешноста пренаменуваат други оддели. Во велешката болница дел од интерното одделение ќе биде за болни од корона вирусот а во кумановската психијатрија и неврологија стануваат ковид центар со 23 кревети.

-Ќе имаме зелена зона каде ќе биде персоналот и црвена за заразените и сомнителните случаи. Во овој оддел има дополнителни кревети со што ќе биде растеретено и инфективното одделение, вели др. Снежана Захариева директор на кумановската болница.

За помош на вработените во инфективните одделенија ротираат здравствени работници од клиниките, а како испомош со дежурства се вклучуваат и приватни интернисти кои работат со ФЗОМ.

  Категории: