ДЕНЕС СЕ СЛАВИ МИТРОВДЕН.

ДЕНЕС СЕ СЛАВИ МИТРОВДЕН.
ноември 08 11:11 2021

Меѓу поголемите есенски празници поврзани со домашни служби на верниците од православна вероисповед, а секако на верниците од Берово, спаѓа и празникот Митровден што се празнува во спомен на светиот великомаченик Димитриј Солунски, наречен уште и чудотворец и мироточив.

Овој празник претставува и меѓник меѓу летниот и зимскиот период од годината. Тогаш завршува летниот и започнува зимскиот период од годината. Поради собраните плодови, значително намалениот ден, студеното време и сл. се вели дека со Митровден започнува зимата. Оттука и македонската народна пословица: “Дојде ли Митровден, чекај си Ѓурѓовден“.

Именден празнуваат: Димитрија, Митре, Димо, Димко, Димана, Димка, Мите, Димитрина, Митра…

Народниот обичај наложувал денес да се остане дома. Се верувало дека оној којшто денес нема да биде дома, цела година ќе биде надвор од него и ќе преспива по туѓи домови.

Постоело и верување дека ноќта пред Митровден мора да бидат завршени сите големи работи, посебно на поле и останати обврски кои се извршуваат надвор.

За Митровден се верувало дека ќе се претскаже каква ќе била зимата. Ако денот бил сончев, наводно зимата ќе биде блага, со мал број ладни денови. Ако на Митровден паднело снег, се верува дека ќе се задржи се до април. Во некои делови постоеле и верувања дека на Митровден не треба да се прекоруваат децата, колку и да згрешиле или биле безобразни, бидејќи наводно цела година ќе бидат непослушни.

Свети великомаченик Димитриј (Митровден), 8.XI/26.X. е празник на заштитникот на градот Солун.  Овој славен и чудотворен светител се роди во градот Солун, од благородни и благочестиви родители. Измолен од Бога од бездетни родители, Димитриј беше син единец, заради што беше воспитан и однегуван со големо внимание. Татко му беше војвода солунски, па кога умре, го поставија Димитриј за војвода наместо неговиот татко.

Кога го постави за војвода, христоборниот цар Максимијан особено му препорача да ги гони и истребува христијаните што беа во Солун. Но, Димитриј не само што не го послуша царот туку напротив, јавно Го исповедаше и Го проповедаше Христа во градот Солун. Кога слушна за тоа царот Максимијан многу се огорчи на него, па еднаш, враќајќи се од војна, царот сврати во Солун со намера да ја испита оваа работа. Го повика, значи, војводата Димитриј и го испитуваше за верата. Димитриј јавно пред царот призна дека е христијанин и го изобличи идолопоклонството на Максимијан. Разјарен, царот го фрли Димитриј во затвор.

Знаејќи што го чека, Димитриј му го врачи сиот свој имот на својот верен ученик Луп за да го раздаде на сиромасите и отиде во затворот весел, зашто му претстоеше страдање за Господа. Во затворот му се јави ангел Божји и му рече: „Мир на тебе, страдалнику Христов. Биди храбар!“

По неколку дена, царот испрати војници во затворот за да го убијат Димитриј. Војниците го најдоа Божјиот светител на молитва и го избодоа со копја. Неговото тело тајно го зедоа христијаните и чесно го погребаа. Од телото на Христовиот страдалник потече исцелително миро, од коешто мнозина болни се излечија.

Наскоро, над моштите беше подигната малечка црква. Еден илирски војник, Леонтиј, беше болен од неизлечлива болест. Им притекна на моштите на свети Димитриј со молитва и стана наполно здрав. Од благодарност му подигна на свети Димитриј црква многу поголема од старата. Светителот му се јави двапати. Кога царот Јулијан сакаше да ги пренесе моштите од Солун во Цариград, од гробот скокнаа пламени искри и се чу глас: „Застанете и не гибајте!“ И така моштите на свети Димитриј останаа засекогаш во Солун.

Како заштитник на Солун, свети Димитриј се јавуваше многупати и многупати го спаси Солун од големи неволји. Неговите чуда се навистина безбројни. Русите го сметаат и за покровител на Сибир, којшто го освоија и го присоединија кон Русија во 1581 година.

  Категории: