Во рамките на проектот на УСАИД “Партнерство за подобра бизнис регулатива” денес на прес конференција беа претставени клучните наоди од Студијата за ефектите врз приватниот сектор – туризам и угостителство погоден од здравствено-економската криза предизвикана од COVID-19 пандемијата со препораки за справување со економските последици.
За постигнување на целта на студијата, направена беше анализа на секторот туризам и угостителство, спроведена е анкета со компании и интервјуа со претставници на секторот, користени се статистички податоци и беа спроведени истражувања за меѓународните искуства поврзани со справување со оваа криза како и мерките кои се преземени во земјата, а се однесуваат на секторот. Во студијата, на основа на спроведените истражувања дадени се препораки – краткорочни и долгорочни мерки за справување со кризата од COVID-19.
„Во услови кога ситуацијата за туризмот е многу болна и сложена, тешко е да замислиме дека една мерка може да ги компензира последиците од пандемијата COVID-19, пред се заради обемот на проблеми кои произлегоа и веќе се зголемуваат и навлегуваме во еден критичен период за кој ќе биде неопходен нов сет од економски мерки. За да се обезбеди економски опстанок и враќање во нормалана на компаниите од туристичко-угостителскиот сектор, но и да се одржи рамнотежа помеѓу побарувачката и понудата на пазарот на трудот потребно е прилагодување на пакетот мерки, но и условите за нивно користење, особено во делот на времетраењето на помошта, висината на кредитите кои треба да постигнат ликвидност кај компаниите, ослободувањето од давачки како придонеси и други оптоварувања кои нема како да бидат покриени без економска активност, како и сите други давачки на кои државата не може да смета доколку компаниите немаат економска активност“ истакна експертот Кристијан Џамбазовски, коавтор на студијата.
Кај 42 претпријатија од вкупно 64 кои беа анкетирани или 67% од испитаните, бројот на вработени се намалил помеѓу 81-100% како резултат на кризата. Кај само 22 претпријатија или 34% од испитаните, кризата од COVID-19 се уште не се одразила на бројот на вработени.
Врз основа на резултатите од истражувањето се предлага реформа во организацијата на туризмот која ќе содржи корекција на законот за туристичка дејност, интегриран како неразделен дел од нов закон за поттикнување на развојот на туризмот по моделот на повеќе земји членки на Европската Унија. Новото законско решение треба да вклучува и механизам кој автоматски би се активирал во случај на кризни ситуации.
Заклучоците и препораките од студијата преку Платформата за јавно-приватен дијалог ќе бидат доставени до надлежните органи со цел заеднички да се креираат краткорочни и долгорочни мерки кои ќе ги ублажат последиците во секторот туризам и угостителство врз база на актуелната состојба со која се соочуваат компаниите и нивните потреби.
Истражувањето кое траеше од 13 до 26 април го спроведоа Стопанска комора на Македонија, Стопанска комора на северозападна Македонија, Стопанска комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ и Сојуз на стопански комори на Македонија и консултантската куќа ЕПИ ЦЕНТАР Интернационал од Скопје имплементатор на проектот.
Како дел од оваа активност спроведени се и истражувања за секторите автомобилска и метална индустрија, текстил и кожарска индустрија, земјоделство и прехранбена индустрија, градежништво и ИКТ, како и анализа на работните односи и даночните политики во време на криза од кои ќе произлезат исто така заклучоци и препораки за справување со кризата од COVID-19 кризата, а ќе се достават преку Платформата за јавно-приватен дијалог.
Извор: biznisregulativa.mk