25 МАЈ – ДЕН НА МЛАДОСТА“: СЕЌАВАЊА И НОСТАЛГИЈА

25 МАЈ – ДЕН НА МЛАДОСТА“: СЕЌАВАЊА И НОСТАЛГИЈА
мај 25 10:28 2022

На денешен ден низ целата Социјалистичка Федеративна Република Југославија се славеше роденденот на Тито. Се славеше како Ден на младоста, а овој празник до ден денес скромно се одбележува во поранешните југословенски републики.

Порано, во ритамот на песната „Тито е нашето сонце“, на стадионот на Југословенската народна армија, ЈНА, илјадници деца и млади танцуваа славејќи го роденденот на доживотниот претседател на СФРЈ, а сега со истиот слоган „Ние сме Титови, Тито е наш“ го посетуваат неговиот гроб и местото на раѓање сеќавајќи се на поранешната држава.

Иако тој е роден на 7 мај, Југословените веруваа дека роденденот на Тито е на 25 мај, а до недоразбирањето дошло, како што тогаш беше објаснето, бидејќи Броз како млад комунист за време на Втората светска војна користел лажни документи.

Величењето на партијата, армијата, социјализмот и пред сè на подемот на Јосип Броз како врховен лидер на тој ден го достигнуваше својот зенит.

Самиот Тито знаеше да потсети дека од работа не му текнува дека старее, како и дека народот без младина каква што е младината на Југославија е несреќен народ, па по иницијатива на славеникот, од 1957 година овој ден се славеше како Ден на младоста.

Заштитен знак на тој ден беше познатата Штафета на младоста. Штафетата на пат тргнуваше месец и пол пред 25 мај и мораше да помине низ сите републики и покраини на Југославија, носена од младинци. За време на прославата, почесниот младинец или младинка штафетата му ја предаваа на Тито со роденденски честитки.

Штафетата секоја година беше поинаку дизајнирана, а во неа се наоѓаа пораки од југословенската младина до саканиот претседател на сите тогашни републики.

Во тој свечен момент, со пригоден краток говор, Тито ја преземаше штафетата, секогаш напоменувајќи дека таа претходно, носена од рацете на младинците, поминала илјадници километри од Триглав до Гевгелија.

Тоа беше по правило неработен ден и празник, некој вид општ национален празник на тогашна Југославија.

До смртта на Тито во 1980 година штафетата му беше лично предавана, а по неговата смрт, таа му се предаваше на претседателот на Социјалистичкиот сојуз на младината на Југославија, ССОЈ.

Во Словенија во 1987 година изби скандал кога беше објавен плакат за Денот на младоста што личеше на плакатите на германската националсоцијалистичка партија од времето кога таа беше на власт.

Сепак, скандалот беше задушен и приредбата се одржа.

Следната година, 1988 година, последен пат на белградскиот стадион беше одржана приредба за Денот на младоста. Таа година ССОЈ ја укина оваа некогаш популарна манифестација. Голем број од штафетите денес се чуваат во Куќата на цвеќето, Титовиот мавзолеј во Белград.